Шутирањето пенали на фудбалски меч често се нарекува лотарија со среќата и со психолошкиот притисок како неизбежни фактори. Математиката вели дека тимовите што први шутираат пенали победуваат во 60 отсто од случаите. Исто така, утврдено е дека фудбалерите се понепрецизни кога пеналите решаваат за победникот отколку во текот на регуларниот дел што се објаснува со дополнителниот притисок и со тоа дека пенали шутираат и играчи што ретко го прават тоа.
– Сѐ зависи од ситуацијата и од изведувачот. Нормално, колку е поважен мечот, толку поголем е притисокот и напаѓачот секогаш е под поголем притисок од голманот. Не е толку лесно да се изведува пенал, како што многумина мислат. Сепак, изведувачи на пенали се фудбалери со голема самодоверба. Во ретките ситуации на пенал-рулети секогаш сакав да шутирам последен, затоа што често тој пенал е и одлучувачки. Други не се ни пријавуваат. Мојот пенал изведен под најголем притисок беше во првенствен меч во Германија, кога играв за Нирнберг, против Баерн. Сите го чекаа 1.000-от гол на Нирнберг во Бундес-лигата и сите посакуваа јас да го постигнам. Се случи пенал, и тоа против Оливер Кан. Но тремата траеше додека ја земав топката. Потоа само се мисли на шутот. Погодив. Никогаш пеналите не ми биле проблем. На пример, промашив во 86-та минута на меч со Баер, средбата заврши со 0-0, но веќе на следниот меч со Менхенгладбах пак шутирав и погодив. Вкупно, многу зависи од играчот и од тоа како се справува со притисокот што го носи важноста на мечот или на натпреварувањето – ни изјави Саша Ќириќ, некогашниот македонски репрезентативец.