Лионел Меси

Вниманието на целокупната фудбалска јавност на Јужна Америка и пошироко е свртено кон полуфиналниот мечот на Копа Америка, Бразил – Аргентина

Бразил – Аргентина и Чиле – Перу се полуфиналните двојки на 46-то издание на Копа Америка, фудбалскиот шампионат на Јужна Америка, кој се одржува во Бразил.
Финалето пред финале, Бразил – Аргентина, ќе се игра в среда рано наутро по средноевропско време (2.30 часот), во Бело Хоризонте, а Перу – Чиле играат во Порто Алегре в четврток.

Финалето е закажано за недела, 7 јули на „Маракана“, во Рио де Жанеиро.
Своевиден куриозитет е дека победниците на три од четирите четвртфинални мечеви се добиени на пенали. Бразил беше подобар од Парагвај (4-3), Чиле од Колумбија, а Перу од Уругвај (со по 5-4). Само Аргентина забележа победа по 90 минути игра, над Венецуела, 2-0.

Вниманието на целокупната фудбалска јавност на Јужна Америка и пошироко сега е свртено кон мечот меѓу гигантите Бразил и Аргентина, чие ривалство трае повеќе од 100 години, од првиот натпревар одигран во септември 1914 година (Бразил победи со 2-0).

Дебатите која репрезентација е подобра траат од поодамна, а факт е дека од 1958 година наваму Бразил петпати бил светски првак, а Аргентина двапати. На Копа Америка поуспешни се Аргентинците со 15 титули (последен пат во 1993-та), а Бразилците имаат 10.

Што се однесува до Лионел Меси, тој на Копа Америка игра бледо, на четирите натпревари даде само еден гол, немаше ниту една асистенција и забележливо е дека е уморен. Но Аргентинците, во чиј состав има само осуммина играчи од ланското СП, веруваат во неговата генијалност и се надеваат дека конечно ќе заигра на потребното ниво токму против Бразил и ќе освои еден голем репрезентативен трофеј. Но ако е некаква утеха за него, треба да се знае дека ниту Пеле ниту Марадона немаат триумфирано на Копа Америка.
– Меси е од непроценливо значење за Аргентина, како на теренот, така и надвор од него. Фактот дека е најдобар фудбалер на светот кажува сѐ – го брани аргентинскиот селектор, Лионел Скалони.

Бразилците се под голем притисок на Копа, играат дома, но без повредениот Нејмар. Тие имаат триумфирано трипати кога биле домаќини, но на последните три изданија не ја минаа четвртфиналната фаза.
Чиле, бранителот на трофејот, и Перу, секако, се аутсајдери во споредба со Бразил и Аргентина, но сигурно не смеат да се отпишат прерано.