Играчите ќе тренираат во групи по петмина, ќе треба да одржуваат растојание, тренинзите ќе траат до 75 минути, има протоколи за пристигнување и за паркирање на автомобилите, по секој тренинг ќе треба да се дезинфицираат корнер-знаменцата, топките, головите и терените. На клубовите им е кажано и дека се можни ненајавени контроли од надлежните служби на нивните тренинзи

ФУДБАЛ

Клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига вчера ги продолжија тренинзите во помали групи што е значаен чекор во напорите за продолжување на прекинатата сезона поради пандемијата на коронавирусот. Премиер-лигата е фокусирана за играње од 12 јуни, според главниот извршен директор Ричард Мастерс, иако постои одреден степен флексибилност за датумот, односно одолжување за една недела, објави „Би-би-си“.

Клубовите на третиот состанок постигнаа консензус во однос на првата фаза од т.н. „Проект за рестартирање“ на Лигата. Тоа значи дека играчите ќе можат да тренираат во помали групи, по петмина, без контакти, ќе треба да одржуваат физичко растојание, а тренинзите ќе траат најмногу 75 минути.
– Кога ќе се почне со комплетните тренинзи, со контакти, и кога ќе се постигне одредено ниво физичка подготвеност тогаш ќе може да се потврди датумот за продолжување на сезоната – вели Мастерс.

На клубовите им биле дадени препораки до кои треба строго да се придржуваат и им е кажано и дека се можни ненајавени контроли од надлежните служби на нивните тренинзи, следење со ГПС и анализи на снимки од тренинзите за проверка дали се придржуваат до протоколите и до безбедносните мерки.
– Планираме да има по еден инспектор во секој тренинг-центар што ќе ни овозможи да бидеме сигурни во однос на придржувањето до протоколите.

Тоа би требало да биде независен тим за ревизорска инспекција што ќе ни овозможи инспекции на терените за тренинг без претходна најава – вели директорот на Лигата, Ричард Гарлик. 

Според протоколите за играчите и за менаџерите што ги објави „Би-би-си“, по секој тренинг ќе треба да се дезинфицираат корнер-знаменцата, топките, головите и терените за тренинг. Играчите треба да добијат комплетна опрема со која ќе доаѓаат на тренинзите, на обележаните паркинг-места ќе мора да оставаат три празни места помеѓу секој автомобил и ќе треба да пристигнуваат во различно време.