Повеќе од 2.000 јужнокорејски фудбалски навивачи сакаат да тужат спортска агенција откако Кристијано Роналдо остана на клупата за резервни играчи на пријателскиот меч помеѓу Јувентус и Олстар тимот на К-лигата во Сеул минатата недела, објави адвокатската фирма „Миунган“, јавија медиуми од Јужна Кореја. Португалскиот напаѓач не беше ниту една секунда на теренот. Исфрустрирани од тоа, некои од навивачите го извикуваа името на неговиот голем ривал од Барселона, Аргентинецот Лионел Меси.
Во најавата на мечот, организаторите посочија дека, според договорот, Јувентус се обврзал Роналдо да одигра најмалку 45 минути, поради што многумина и дојдоа на стадионот, велат од „Миунган“. Билетите по цена од 25 до 338 долари биле продадени за само два и пол часа од почетокот на продажбата, на 3 јули.

– Досега повеќе од 2.000 навивачи контактираа со нас во врска со тужбата. Планираме официјално да поднесеме тужба во нивно име најдоцна следната недела, доколку агенцијата во меѓувреме не понуди некаква компензација за навивачите – изјави за АФП адвокатот на „Миунган“, Ким Хун-ки.