За слична трампа, за Нејмар, размислуваат и бараат начини за реализација Барселона и ПСЖ

Според пишувањето на „Кориере дела сера“ кое го пренесуваат и повеќе британски медиуми, италијанскиот првак Јувентус нуди тројца играчи на Манчестер јунајтед во замена за Пол Погба. Станува збор за Жоао Кансело, Даглас Коста и за Блез Матуиди.

„Старата дама“ се надева дека може да се договори со Манчестер јунајтед да ја намали бараната сума од 150 милиони фунти (167,3 милиони евра) за францускиот играч од средниот ред. За менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, токму Погба е клучниот играч околу кој би требало да го гради тимот за следната сезона и најави дека е можно да му ја даде и капитенската лента. Но кога станува за големи пари и зделки на фудбалери не смее да се отфрли ниту една опција до крајот на летниот преоден рок.

Во целата работа и шпекулации прсти има вмешано и агентот на Погба, Мино Раиола. Тој пред заминувањето на Манчестер јунајтед на летната турнеја во Австралија јавно објави дека Погба сака да си замине од англискиот клуб. Погба, пак, од своја страна, исто така, неколкупати изјави дека е „подготвен за нови предизвици“, давајќи им надеж на заинтересираните клубови, пред сите на Јувентус (Реал се откажа поради немање пари!), дека таков трансфер е можен.

За слична трампа размислуваат и бараат начини за реализација Барселона и ПСЖ, за Нејмар. Шпанскиот првак Барселона, како и Јувентус за Погба, за Нејмар, кој сака да си замине од ПСЖ, нуди како размена фудбалери (Иван Ракитиќ и Филипе Кутињо) плус пари, околу 90 милиони евра. ПСЖ наводно сака само „кеш“ за Нејмар, за кого пред две години на Барса ѝ плати рекордни над 220 милиони евра. Друг проблем за Каталонците, освен парите, се разбира, е и неодамнешното ангажирање на Антоан Гризман од Атлетико за 120 милиони евра. Тоа значи дека покрај испразнетата каса има и вишок скапи играчи во нападот, покрај Лионел Меси се и Луис Суарез, Гризман, Кутињо, Осман Дембеле итн.

Како можна опција за нов клуб за Нејмар се спомнуваат Манчестер јунајтед, па и Јувентус, со чии претставници наводно веќе се сретнал таткото на Нејмар, кој е и негов агент. Таа зделка не изгледа многу изводлива, но доколку се случи некаков пресврт и Погба си замине од Манчестер јунајтед, можни се и други изненадувачки трансфер-комбинации.