Дел од актерите на првиот меч на Македонија пред 25 години Фото: Дарко Андоновски

На мечот со Лихтенштајн се навршија точно 25 години од првиот историски натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија. На 13 октомври 1993 година во Крањ, Македонија ја совлада Словенија со 4-1.

По тој повод, пред мечот љубителите на фудбалот на арената „Филип Втори“ во Скопје имаа можност да ги поздрават повеќето актери на тој меч, предводени од селекторот Андон Дончевски. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за фудбалерите, за членовите на Стручниот штаб и за новинарите-известувачи од Крањ обезбеди пригодни признанија и подароци.

Како потсетување, за Македонија на тој меч во Крањ настапија: Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Неџмедин Мемеди, Зоран Јованоски, Драги Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски, Ванчо Мицевски, Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски, Горан Георгиевски, Сашо Милошевски и Тони Мицевски.

Случај или сплет на околности, но Македонија триумфира над Лихтенштајн со идентични 4-1, со што на најдобар можен начин го одбележа четвртвековниот јубилеј.

– Радосен сум што со триумф и со добра игра го одбележивме јубилејот. Убава коинциденција со резултатот, но ништо повеќе, ниту помислувавме ниту, пак, планиравме така да заврши мечот. Едноставно така се одвиваа работите на теренот – изјави македонскиот селектор Ангеловски.