Ринус Микелс, славниот тренер на Ајакс и на Холандија, еднаш прокоментира дека неговиот ѕвезден ученик е „човек од Марс“. Тој и не згреши многу. Јохан Кројф изведуваше, а подоцна и оркестрираше вонземски работи на зелените терени, а една помала планета во Сончевиот Систем е именувана Кројф во негова чест

ОМАЖ НА ФИФА

Холанѓанецот Јохан Кројф беше еден од најголемите, за многумина и најголем фудбалер на светот на сите времиња, потоа и врвен тренер што остави траен белег во фудбалскиот спорт. На петгодишнината од неговата смрт, Светската фудбалска федерација (ФИФА) му оддаде почит, објавувајќи негови изјави, приказни, статистики и други детали.
Ринус Микелс, славниот тренер на Ајакс и на Холандија, еднаш прокоментира дека неговиот ѕвезден ученик е „човек од Марс“. Тој и не згреши многу. Јохан Кројф изведуваше, а подоцна и оркестрираше вонземски работи на зелените терени, а една помала планета во Сончевиот Систем е именувана Кројф во негова чест.
На 17 години, Кројф дебитира во тимот на Ајакс и во професионалниот фудбал. Но уште тогаш, во друштво на постарите и поискусни колеги се поставил како лидер. Не му недостигале самодоверба и дрскост, напротив.
– Тој физички беше навистина многу слаб. Но уште од првиот ден се постави како шеф, наредуваше, им покажуваше на соиграчите каде да се движат на теренот. Ни најмалку не се плашеше. Дури и на таа возраст многу побрзо ја сфаќаше играта од сите други – се сеќава Пит Кајзер, соиграч на Кројф.

Во првите две сезони, Кројф постигна 66 гола на 64 меча за Ајакс (1,03 по средба), фантастични бројки за тинејџер, кој и не беше напаѓач. Необична ситуација му овозможи на Кројф да стане синоним со неговиот заштитен знак, бројот 14 на дресот. Во првите шест сезони во Ајакс тој го носеше дресот со бројот 9, но во соблекувалната пред важниот меч со ПСВ во 1970 година, Гери Мирен не можел да си го најде дресот со бројот 7. Кројф тогаш му го позајмил дресот со бројот 9 на тимскиот колега и го зел првиот што го дофатил од оние за резервите, со бројот 14. Подоцна Кројф се присетувал: „Му реков, Гери, мечот со ПСВ помина навистина добро. Отсега, па натаму треба да се држиме до овие бројки“. Кројф стана бесмртен во тој дрес и кога разбрал дека ќе му биде доделен дрес со број 1 на Светското првенство (СП) 1974 година во Германија се побунил и желбата да го носи дресот со број 14 морала да му биде исполнета.

Откако одушеви на тренерската клупа на Ајакс, Кројф беше ангажиран на таа функција во Барселона, во 1989 година, по што набргу го создаде возбудливиот „дрим-тим“. Меѓу 1990 и 1994 година тој ја предводеше Барселона до четири титули во Ла лига и до три трофеи во Европа, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите во 1992 година.
– Кројф беше првиот играч што освои три „златни топки“, во 1971, 1973 и 1974 година. Само еден човек ја освои наградата со повеќе од двојно повеќе од гласовите на неговиот најблизок конкурент, Алфредо ди Стефано во 1957 година, сѐ додека Кројф не го стори тоа двапати.


Рекоа за Кројф

Пеле: „Луѓето ме прашуваа: Кои играчи би сакале да се Бразилци? Јас им одговарав: Никој. Има неколку неверојатни играчи, се одушевувам кога ги гледам, но не посакувам ниту еден да е Бразилец. Тогаш го видов Кројф и посакав тој да е Бразилец. Беше уживање да се гледа“.
Франц Бекенбауер: „Тој беше најдобриот фудбалер што го произведе Европа. Кога играчи како Бејл или Роналдо вредат 100 милиони евра, Јохан би вредел милијарди!“
Марко ван Бастен: „Тој беше толку технички совршен што престана да се обидува да биде подобар уште како дете. Наместо тоа, беше опседнат со тактичката страна на нештата, како дете! Така, на теренот го имавте не само најдобриот играч на светот туку и тактичкиот генијалец што им покажуваше на сите што да прават“.