„Златната“ генерација белгиски фудбалери со Куртоа, Азар, Лукаку, Де Брујне, Компани, Фертонген, Фелаини…, во првото полуфинале на СП 2018 од 20 часот игра со Франција, со Лорис, Умтити, Варан, Канте, Погба, Гризман, Мбапе…

Новиот светски фудбалски првак ќе биде репрезентација од Европа бидејќи во завршницата, во полуфиналните дуели на Мундијалот во Русија ќе се сретнат Франција – Белгија (вечерва, 20 часот, С. Петербург) и Англија – Хрватска (утре, 20 часот, Москва). Победниците од овие мечеви ќе играат во големото финале на стадионот „Лужники“ во Москва (недела, 17 часот).
Франција и Белгија имаат долга фудбалска историја, меѓу себе одиграле 73 натпревари, Французите победиле 24 пати, Белгијците 30, а 19 меча завршиле со реми. Пласманот на двете репрезентации во завршницата не е некое поголемо изненадување, бидејќи и пред почетокот на завршниот турнир се сметаа за фаворити од сенка. Ова најмногу поради големиот број квалитетни фудбалери на сите позиции во двата состава.

Белгијците ги имаат Еден Азар, Кевин де Брујне, Ромелу Лукаку, Тибо Куртоа, Венсан Компани, кои се релативно млади, но и искусни фудбалери што настапуваат за екипи во силната англиска Премиер-лига и веќе имаат освојувано титули. На селекторската позиција го имаат Шпанецот Роберто Мартинез, кој одлично се покажа на ова СП, иако многумина беа скептични во неговите способности и го сметаа за најслаба алка. Негов помошник е француската фудбалска легенда Тиери Анри.
За силата на оваа златна генерација белгиски фудбалери, како што ја нарекуваат некои, говори и фактот дека тие се единствената репрезентација на СП во Русија, што е со максимален ефект, пет победи на исто толку натпревари, со гол-разлика 14-5. Трите победи во групната фаза беа забележани против Панама (3-0), Тунис (5-2) и Англија (1-0), во осминафиналето беше елиминирана Јапонија (3-2) во меч што долго ќе се памети и во кој Белгијците успеаја негативата од 0-2 да ја претворат во триумф со победоносен гол во 94-та минута. Во четврт-финалето Белгија го совлада големиот фаворит, петкратниот светски првак Бразил со 2-1. Овој меч беше голем тест за Белгијците, по што многумина веруваат дека се кадарни да ја освојат и титулата.

Но за такво нешто вечерва прво треба да ја елиминираат Франција, која, исто така, покажа дека има потенцијал за повторување на успехот од пред 20 години, на генерацијата фудбалери предводена од Зинедин Зидан, меѓу кои беше и селекторот, тогаш капитен, Дидие Дешам, кој ја освои првата светска титула. И Французите беа импресивни на СП 2018. Групната фаза ја поминаа без проблеми, по двете победи, над Австралија (2-1) и над Перу (1-0) и ремито со Данска (0-0). Во осминафиналето „падна“ Аргентина (4-3), полесно отколку што може да се заклучи од резултатот, а потоа во четврт-финалето беше елиминирана уште една јужноамериканска селекција, Уругвај (2-0).

И Французите имаат состав што е комбинација на млади и на искусни играчи. На голот е Уго Лорис, во одбраната се Самјуел Умтити, Рафаел Варан, па и Нголо Канте. Во средниот ред е Пол Погба, а во нападот се Антоан Гризман и младиот Килијан Мбапе, кој е првиот тинејџер по Пеле од СП 1958 што постигна два гола на еден меч (против Аргентина).
Предвидувањата се дека главната битка ќе се води на средината на теренот, и тоа меѓу Де Брујне и Погба. Но јасно е дека многу ќе зависи и од играта и од ефикасноста на напаѓачите, на Азар и на Лукаку, односно на Гризман и на Мбапе, и се разбира од одбраните, кои немаат право на грешки.
Некои прогнозери типуваат на Белгија, со една мала дилема, а тоа е дали имаат менталитет да ја совладаат Франција во еден голем меч.