Во пресрет на претстојното Светско првенство (СП) во фудбал во Русија (14 јуни-15 јули), новинската агенција АП објави што сѐ навивачите и гостите треба да знаат пред одењето во Русија
За влез на стадионот не се доволни само билети. Потребен е и т.н. „Фан ИД“ од руската Влада, кој се добива по испраќањето на личните податоци на сајтот на „Фан ИД“. Пристигнатите информации потоа ги обработува рускиот ФСБ, наследникот на некогашното советско КГБ, наведува АП.
За посетителите е предвиден бесплатен железнички превоз до градовите во кои ќе се играат натпреварите на СП. Место за патување со воз треба претходно да се резервира, исто така користејќи посебно издаден „Фан ИД“. АП потсетува дека патувањата се повеќечасовни, а за да се стигне од Санкт Петербург до Сочи потребни се дури 37 часа и дека се патува со кушет-вагон.
Постојат и директни авионски летови од градовите-домаќини на СП, но тој начин на патување, како што предупредува АП, ќе биде многу поскап.
Гостите во Русија можеби ќе имаат проблеми и со цената на сместувањето, бидејќи можно е некои хотели да се рекламираат по една цена, а на самото место од гостите да се бара друга, повисока цена. Руските власти, сепак, настојуваат да ги спречат овие проблеми.

Странците по пристигнувањето во Русија имаат рок од три дена да се пријават во полиција. Хотелите тоа ќе го прават автоматски, но оние што ќе отседнат во приватно сместување, мораат ова пријавување да го направат со газдите каде што отседнале.
АП, исто така, предупредува идните посетители во Русија да не бидат изненадени ако во сместувањето што го резервирале нема топла вода, оти руските власти поради ремонт, во лето и до две недели ја исклучуваат топлата вода.
Немојте да се изненадите, нагласува АП, ако и улиците бидат бели од „маца“, односно заштитната обвивка на семето на тополата, кое масовно се садело во времето на Сталин. Тоа е безопасно, но може да им прави проблем на луѓето што се склони на алергии, наведува АП.
Посетителите треба да очекуваат и засилена безбедност околу стадионите и околу транспортните центри, каде што ќе патролираат илјадници припадници на полицијата и на националната гарда.
Внесувањето храна во Русија не е лесно, како што многу навивачи мислат и очекуваат, нагласува АП. Љубителите на фудбалот во Русија ќе можат да купат производи од различни кујни иако многу локални жители најмногу сакаат зачинети специјалитети во грузиските ресторани. На натпреварите ќе се продаваат хамбургери и пиво, спонзорот на првенството.