Лионел Меси (Барселона) во дуел со голманот на Лион Антони Лопез

Вкупно 54 шутеви, 39 создадени шанси и ниту еден гол на двата вечерашни натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), во кои Ливерпул и Баерн, односно Лион и Барселона ремизираа со идентични 0-0.

Ова е првата вечер во престижното фудбалско натпреварување која заврши без ниту еден погодок, уште од 15 март 2016 година, кога мрежите мируваа на осминафиналните дуели Атлетико Мадрид – ПСВ и Манчестер сити и Динамо Киев.

„Нема голови, нема забава“, „ова беше баш добра реклама за Лигата на шампионите, нели“, „изостана гозбата од голови на која што се надевавме“, „што се случува со Лигата на шампионите“, „здодевна вечер“, беа дел од коментарите на љубителите на фудбалот и на медиумите на Твитер. 

Врвните напаѓачи немаа своја вечер. Центарфорот на Баерн Роберт Левандовски (водечки стрелец во тековната ЛШ со осум гола) ја допре топката скромни 34 пати на гостувањето на „Енфилд“ и имаше само еден непрецизен шут. Луис Суарез од Барселона, пак, ја продолжи слабата низа во ЛШ, останувајќи без реализација во тековното издание, односно со еден гол на последните 17 настапи. Неговиот соиграч од Барса, Лионел Меси, вечерва имаше девет обиди, од кои само еден заврши во рамките на голот, но не и во мрежата на голманот на Лион, Антони Лопез. Не се прослави ниту ѕвезденото напаѓачко трио на Ливерпул, Садио Мане – Роберто Фирмино – Мохамед Салах…

Реваншите од вечерашните средби се играат на 13 март, додека утре се среќаваат Атлетико Мадрид – Јувентус и Шалке Манчестер сити.