Финалниот дуел помеѓу Германија и Холандија на СП 1974

На секое ново светско фудбалско првенство беа поставувани нови граници или се случуваа некои куриозитети

Светските фудбалски првенства од почетоците во 1930 година се трансформирани до непрепознатливост. Се почна со само 13 репрезентации и тоа 12 од нив поканети (не се играа квалификации) и домаќинот Уругвај. Денес на сцената се долги (на некои места и комплицирани) континентални квалификации, на завршниот турнир играат 32 селекции, а од 2026 година ќе играат дури 48. Тогаш се доделуваше пехар што во 1970 година замина во пензија (потоа пехарот беше и украден и наводно стопен во 1983 година), а на негово место од 1974 година се доделува нов трофеј. Тогаш, на првото СП во 1930 година, се играше во еден град, на три стадиона, денес во игра се дузина и градови и стадиони. На секое ново планетарно првенство беа поставувани нови граници или се случуваа некои куриозитети. Еве некои од нив.

СП 1934 – ПРВПАТ БОЈКОТ НА ПРВАКОТ: Првпат актуелниот светски првак одби да го брани трофејот (Уругвај), а одново домаќин славеше (Италија). До СП 2002 секогаш за светскиот шампион имаше сигурно место на следниот собир. Оттогаш и светскиот првак игра во квалификациите, а само домаќинот има сигурно место на мундијалот.

СП 1938 – ПРВПАТ СЕЛЕКТОР СО ДВА ТРИУМФА: Првпат нов првак (Италија) не беше домаќинот на турнирот, кој се играше во Франција. Аргентина и Бразил патуваа над 12 илјади километри и одиграа само по еден меч (СП се играше според нокаут-систем, а не во групи). Првпат еден селектор (Виторио Поцо) освои две светски титули и првпат се играа 120 минути во финале (досега вкупно седум).

СП 1950 – ЕДИНСТВЕНО ФИНАЛЕ ШТО НЕ Е ФИНАЛЕ: Тоа беше единствено СП со „финале што не беше финале“. Одново се играше според нов систем, според кој по првата групна фаза следуваше завршна групна фаза, во која се случи случајно последното коло да решава за светскиот првак. Пред 200.000 гледачи на Бразил му беше доволно и реми, но победи Уругвај и вторпат ја освои титулата. Првпат играа селекции од В. Британија.

СП 1954 – ПРВ ТВ-ПРЕНОС: Олимпискиот првак Унгарија со Пушкаш, Божик, Кочиш и Хидекути беше во серија од 28 меча без пораз, но титулата ја освои Германија, меч што се нарекува „чудото од Берн“. Тој Мундијал уште е рекорден според бројот на голови во просек по меч (5,38). Прво СП со преноси на ТВ.

СП 1958 – ПРВПАТ ПРВАКОТ Е „ГОСТИН“: На сцената стапна тогаш тинејџерот Пеле од Бразил, кој и денес е најмладиот со светска титула и најмладиот стрелец на гол во финале. Голгетерскиот ефект од 13 гола на Французинот Жист Фонтен, пак, и денес е рекорд на мундијалите. По пет СП се случи еден меч да заврши со 0-0 (Бразил – Англија на 11 јуни, а потоа и Шведска – Велс). Првпат шампионот не е од континентот каде што се игра СП.

СП 1962 – ПРВПАТ ЕФИКАСНОСТ ПОД ТРИ: Бразил стана втората селекција со две титули во низа, турнирот помина со многу тензични мечеви, а првпат во историјата на СП просекот на постигнати голови беше под три (2,78).

СП 1966 – ПРВПАТ 120 МИНУТИ ЗА ТРОФЕЈ: Прво СП со лого и со маскота. По 28 години домаќин ја освои титулата (Англија), а СП беше запаметен и по кражбата, потоа и наоѓањето на трофејот за светскиот првак. Џеф Харст стана првиот и засега единствениот со хет-трик во финале, а финалето е прво што се играло во 120 минути. Ова СП беше последно што беше пренесувано во црно-бела технологија за ТВ-преноси.

СП 1970 – ПРВПАТ ИГРАЧ СО ТРИ ТИТУЛИ: Прво СП во Северна Америка, а Пеле се врати на голема врата и влезе во историјата како засега единствен со три светски титули, а од тоа СП Жаирзињо е единствен со постигнат барем по еден гол на секој меч. Полуфиналето Италија – Германија 4-3 е единствен меч на СП со пет гола постигнати во продолженијата. Стариот пехар замина во пензија. Првпат преноси во боја.

СП 1974 – ПРВ ЦРВЕН КАРТОН
На сцената стапнаа новиот пехар и новата тактика – тотален фудбал. Холанѓаните на чело со Јохан Кројф блескаа, но Германија, со „бомбардерот“ Герд Милер, ја освои титулата на домашен терен. Откако пред СП 1970 беа воведени црвени картони, но не беа употребени, на СП 1974 беше покажан првиот (Карлос Касели од Чиле, на меч со Германија). Шкотска стана првата селекција што е елиминирана без да загуби ниту еден меч. Првпат беше досуден пенал во финале (згора, имаше два, ги реализираа Нескенс и Брајтнер).

СП 1978 – ПРВПАТ ПЕНАЛ-РУЛЕТ (ВО ТЕОРИЈА): Последно СП со 16 селекции, а Аргентина ја освои титулата на крилјата на големата поддршка од трибините и со голгетерски расположениот Марио Кемпес. Аргентина е првата селекција што стана светски првак на турнир на кој не победи на два меча. Првпат беше воведено правилото за изведување пенали ако по 120 минути игра остане реми, но сите мечеви што се играа во продолженија беа решени до 120-та минута.

СП 1982 – ПРВПАТ ПЕНАЛ-РУЛЕТ (ВО ПРАКТИКА): Прво СП со 24 селекции и мундијал познат по бавниот старт на Италија, но со одличен финиш за третата светска титула, до која стигна со одличната партија на Паоло Роси (шест гола) и покрај тоа што стана прва селекција-првак што не победи на три меча на едно СП. Ова СП е првото на кое на еден меч се изведуваа пенали по нерешен резултат (во полуфиналето Германија ја победи Франција со 5-4 по 2-2).

СП 1986 – ПРВПАТ МЕКСИКО ВТОРПАТ: Блескаше Марадона со по еден контроверзен и спектакуларен гол во мечот со Англија, а Аргентина ја освои втората титула. Мексико стана првата земја што двапати била домаќин на СП.

СП 1990 – ПРВПАТ ФИНАЛИСТ БЕЗ ГОЛ: Мундијал со дефанзивен фудбал и многу мечеви победени на пенали. Првпат во едно финале дотогаш еден од финалистите не постигна гол (Германија ја победи Аргентина со 1-0) и првпат беше покажан црвен картон во меч за титулата. Првпат преноси со ХД-технологија.

СП 1994 – ПРВПАТ ПЕНАЛИ ЗА ТИТУЛА: Тоа беше Мундијал со многу возбудлив фудбал, изненадувања и СП што постави рекорд во најголема посета на стадионите (68.991 по меч). Се одигра првото финале што беше решено на пенали (Бразил ја победи Италија), по што Бразил одново поведе на листата најуспешни, со четири трофеи. Роже Мила стана најстариот стрелец на мундијалите, а Олег Саленко единствен досега со пет гола на еден меч.

СП 1998 – ПРВ ЗЛАТЕН ГОЛ: Првпат на СП настапија 32 селекции, вторпат една земја вторпат беше домаќин, а Франција го искористи тоа за првпат да стане светски шампион. Тоа беше прво СП на кое четвртите судии со електронска табла ги покажуваа броевите за измените на фудбалерите. Првпат беше виден „златен гол“.

СП 2002 – ПРВПАТ ТИТУЛА БЕЗ КИКС: Прво СП во Азија и прво со две земји-домаќини. Блескаше Бразилецот Роналдо со девет гола, во петтата титула на таа земја, а Бразил стана првиот светски првак со победи на сите мечеви на турнирот. Првпат селекциите имаа по 23 играчи (дотогаш по 22).

СП 2006 – ПРВПАТ ПРВАКОТ МОРАШЕ ДА ИГРА: Прво СП на кое актуелниот првак играше квалификации. Германија вторпат беше домаќин, а Италија четврти пат стана првак и му се доближи на Бразил. Второ финале решено на пенали и второ со црвен картон (Зинедин Зидан).

СП 2010 – ПРВ ТРИУМФ НА ЕВРОПА „НА ГОСТИ“: Прво СП во Африка и прв триумф на европска селекција надвор од Стариот Континент (првата титула ја освои Шпанија). Првпат домаќин на СП (Јужна Африка) беше елиминиран во првата фаза.

СП 2014 – ПРВПАТ ТЕХНИКА ЗА ГОЛ-ЛИНИЈАТА: Бразил вторпат беше домаќин, а репрезентација од Европа првпат ја освои титулата на СП во Јужна Америка. Првпат селекции од еден континент освоија три титули во низа (Европа). Првпат е употребена технологијата за гол-линијата и судиите почнаа да употребуваат исчезнувачки спреј.

СП 2018 – ПРВПАТ СИТЕ СЕ ВО ИГРА
Првпат сите членки на ФИФА настапија во квалификациите. Првпат ќе се употребува системот ВАР за помош на судиите, првпат ќе може да има четири измени (четвртата во продолженијата) итн. Г.М.