Пет клуба од Шпанија во Лигата на шампионите имаше и во сезоната 2015/2016 (Барселона, Реал М., Атлетико М., Севилја и Валенсија). Во сезоната 2017/2018 пет екипи имаше Англија

ФУДБАЛ – ПО ТРИУМФОТ НА ВИЛЈАРЕАЛ ВО ЛИГА ЕВРОПА

Шпанија во новата сезона на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) ќе има пет претставника, откако Вилјареал победи во финалето на Лига Европа, во мечот со англискиот Манчестер јунајтед, 11-10 на пенали (по 120 минути игра беше нерешено, 1-1). Со пласманот во шпанскиот шампионат во ЛШ место обезбедија Атлетико Мадрид, Реал Мадрид, Барселона и Севилја. За Вилјареал ова е прв голем трофеј во клупската историја, откако нема ниту еден во домашните натпреварувања (првенство или куп).
Со ваквиот исход, Шпанија нема да има тим во новоформираната Конференциска лига, туку уште два во ЛЕ (Сосиедад и Бетис). Седмопласираниот тим во шпанското првенство, Вилјареал, си обезбеди и место во првиот барабан пред ждрепката за групната фаза на ЛШ, како и меч во Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА), со победникот во ЛШ, од утрешниот финален натпревар помеѓу англиските Манчестер сити и Челси.

Шпанија имаше пет тима во ЛШ и во сезоната 2015/2016, тогаш Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Севилја и Валенсија. Во сезоната 2017/2018, пак, пет екипи играа во ЛШ од Англија, и тоа Челси, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул и Тотенхем.
Шпанските клубови имаат победи во десет последователни европски финалиња против англиски екипи, откако Алавес загуби од Ливерпул во финалето на Купот на УЕФА во 2001 година, пишува УЕФА. Вилјареал е 29-от тим што го освоил трофејот во ЛЕ (порано со име Куп на УЕФА) и петтиот од Шпанија (Севилја има шест, Атлетико Мадрид три, Реал Мадрид два и Валенсија еден).
Досега се потврдени 26 учесници во новата сезона на ЛШ, и тоа Манчестер сити, Челси, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Атлетико Мадрид, Реал Мадрид, Барселона, Севилја, Вилјареал, Баерн, Лајпциг, Борусија Дортмунд, Волфсбург, Интер, Милан, Аталанта, Јувентус, Лил, ПСЖ, Порто, Ајакс, Зенит, Бешикташ, Бриж, Спортинг и Динамо Киев. Од квалификациите во групната фаза ќе се пласираат уште шест клуба.


Од 2011 година шпанските екипи од 32 можни досега освоија 20 европски пехари

Од сезоната 2010/2011 заклучно со сезонава во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) шест пати победиле тимови од Шпанија, трипати од Англија и двапати од Германија. Во истиот период во Лига Европа седум пати славеле клубови од Шпанија, трипати од Англија и еднаш од Португалија. Во Суперкупот на УЕФА, пак, Шпанија има седум трофеи од 2011 година (два имаат тимови од Германија, еден од Англија). Вкупно од 32 можни трофеја од 2011 година шпанските екипи освоиле 20 европски трофеи, англиските седум, германските четири и португалските еден. Шпанија сега има 13 триумфа во ЛЕ (на второто место се Англија и Италија со по девет). И во ЛШ води Шпанија, со 18 титули (на второто место е Англија со 14), а таа земја е прва и во Суперкупот со 15 победи (втора е Италија со девет).