Шон Конери (долу, втор од десно) во составот на Бонириг роуз

Постојат повеќе познати личности што можеле да имаат фудбалска кариера, секако ако во нив не пулсирал и друг талент истовремено. На листата се наоѓаат познати филмски актери, славни пејачки ѕвезди, шахисти, готвачи, спортисти од други спортови… Ќе се потсетиме на некои од нив

Славниот шкотски актер Шон Конери, кој почина во саботата на 90 години, а е најпознат по легендарниот серијал филмови за тајниот агент Џејмс Бонд, е британска институција. Но што правел младиот Конери кога не газел на штиците што живот значат? Меѓу другото, играл и фудбал и е една од многуте славни личности што во младоста биле фудбалери и имале шанса и да останат во тој спорт.
Конери во 50-тите години на минатиот век бил на турнеја со ФК Бонириг роуз, кога настапил против локален тим. Тогашниот менаџер на англискиот Манчестер јунајтед, сер Мет Безби, бил толку импресиониран од Конери што по мечот му понудил договор. Иако бил пред искушение, Конери сепак ја одбил понудата.
Во продолжение уште за некои познати луѓе од други сфери што се занимавале и со фудбал.

 

Род Стујарт: Легендарниот пејач Род Стјуарт (75) е роден во фудбалско семејство во Северен Лондон во 1945 година. Неговата фудбалска кариера почнала кога играл како центархалф во училиштето во Мидлсекс. По напуштањето на училиштето, тој се обидел да успее како професионален фудбалер, поттикнат од неговиот татко. Во 1960 година, Род Стјуарт отишол на проба во тогашниот третолигаш Брентфорд, но никогаш не добил повратен повик, по што неговата професионална кариера тргнала во друг правец.

Лучиано Павароти: Славниот човек од операта, Лучиано Павароти (1935-2007), е синоним за фудбал од 1990 година, кога неговата изведба на „Nessun dorma“ насекаде го привлекла вниманието на љубителите на фудбалот за време на одржувањето на Светското првенство во Италија, кое се играше таа година. Сепак, малку познат факт е дека Павароти сакал да стане голман кога бил помлад, па дури играл и за локалниот клуб Модена. Велат дека добил можност да настапува и за сениорскиот тим, но неговата мајка го убедила да учи за наставник.

Борис Бекер: Тенисерот Борис Бекер (52) ја имал таа среќа да биде добар во два спорта додека растел, фудбалот и тенисот. Тој бил доволно добар и поддржан од минхенски Баерн, додека бил училиштен напаѓач, но тенисот, сепак, било местото каде што младиот Бекер се истакнал, одлучувајќи со тој спорт да се занимава понатаму во својата кариера и со тоа многу го смени ликот на тенисот, уште како тинејџер.
Антонио Бандерас: Играјќи за голем број клубови во околината на Малага во средината на 70-тите години на минатиот век и сонувајќи да стане професионален фудбалер, славниот шпански филмски актер Антонио Бандерас (60) го скршил стапалото на 14 години. Тоа значело и крај на неговата евентуална фудбалска кариера.

Хулио Иглесијас: Светски познатиот пејач Хулио Иглесијас (77) играл за голем број клубови во Мадрид, вклучувајќи го и Б-тимот на Реал Мадрид, Реал Кастилја, пред сообраќајната несреќа да му ги ослаби нозете. Се раскажува дека додека бил во болницата, медицинска сестра му подарила гитара, што довело до откривање на неговиот талент за музиката.

Симен Агдестајн: Шаховскиот велемајстор Симен Агдестајн (53) е седумкратен шампиони на Норвешка. Сепак, пред да стане волшебник во движењето на пиони, ловци, топови и коњи, тој имал мошне импресивна фудбалска кариера. Во период од осум години, додека настапувал за Лин Осло, младиот напаѓач постигнал 37 гола на 92 натпревари. Тој играше и за репрезентацијата на својата држава осум пати (постигнувајќи еден гол). Мошне импресивно, секако.

Гордон Рамзи: Телевизискиот готвач Гордон Рамзи (53) додека бил млад играл фудбал и за неговиот тим од детството, шкотскиот Глазгов Ренџерс, кој го повикал во 1984 година. Но откако тренирал неколку месеци со саканиот клуб, Рамзи во средината на 80-тите години на минатиот век, на тренинг сериозно го повредил коленото. Откако ги обесил копачките на ѕид, тој направи кариера во кујната.

[email protected]