Фудбалерите на Шкендија се поразени од фаворизираниот австриски Салцбург со 0-3 на гости, во вечерашниот прв меч од третото квалификациско коло за Лигата на шампионите (ЛШ).

Мунас Дабур беше стрелец на првите два гола, во 16-та минута од пенал и во судиското надополнување на првото полувреме, додека Дијади Самасеку го постави конечниот резултат во 81-та минута, реализирајќи казнен удар од 11 метри.

Австрискиот тим го заврши натпреварот со играч помалку на теренот, по исклучувањето на Златко Јунузовиќ во 83-та минута поради два жолти картони, со што е извесно дека тој нема да настапи во реваншот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје, во вторник од 20.15 часот.

Доколку македонскиот првак направи изненадување и се пласира во плејофот за ЛШ, таму ќе се соочи со подобриот од дуелот Црвена звезда – Спартак Трнава (прв меч 1-1). Во случај на елиминација од Салцбург, Шкендија ќе го продолжи учеството во последното квалификациско коло за Лига Европа, во кое ќе се сретне со победникот од двомечот помеѓу норвешки Розенборг и ирски Корк сити.