Алан Ширер е рекордер според бројот на постигнати голови во Премиер-лигата, 260, а Тиери Анри, кој постигна 175 за Арсенал, што е клупски рекорд, четири пати беше најдобар стрелец во Премиер-лигата

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Поранешниот напаѓач на репрезентацијата на Англија, Алан Ширер, и некогашниот напаѓач на Франција, Тиери Анри, се првите фудбалери што ја имаа честа да бидат примени во „Куќата на славните“ во англиската Премиер-лига, пишува „Би-би-си“.
Ширер е рекордер според бројот на постигнати голови во Премиер-лигата, 260, во период од 14 сезони, за Блекбурн (112 гола на 138 натпревари), со кој ја освои титулата во 1995 година и за Њукасл (148 на 303 меча). Тој трипати бил прв стрелец во Премиер-лигата.
Анри постигна 175 погодоци на 258-те натпревари за Арсенал во англиската Премиер-лига што е клупски рекорд. Тој беше најдобар стрелец во најсилната лига на Англија, во рекордни четири сезони. Анри освои две шампионски титули и е дел од тимот на Арсенал што не беше поразен во текот на сезоната 2003/2004.
– Кога ќе погледнете какви неверојатни фудбалери настапувале во Премиер-лигата, од недела на недела, од година на година, се чувствувам многу почестено што сум дел од „Куќата на славните“. Морам да им се заблагодарам на сите мои соиграчи, како и на менаџерите и на тренерите со кои работев.

Сѐ што некогаш сакав беше да бидам професионален фудбалер. Сон ми беше да освојувам трофеи, да постигнам погодок на стадионот „Сент Џејмс парк“, да го носам црно-белиот дрес со бројот девет. Беше фантастично, уживав во секоја минута – изјави Ширер (50), првиот што постигнал 100 гола за два клуба.
Анри, покрај 175-те гола, имаше и 74 асистенции во текот на осумте сезони во Премиер-лигата, вклучувајќи ги и заедничките (со Кевин де Брујне) рекордни 20 во една сезона, во 2002/2003.
– Да се биде меѓу првите двајца, заедно со Алан Ширер, примени во „Куќата на славните“ е повеќе од посебно. Кога бев млад, размислував и се обидував како да набавам чифт копачки, а сега зборуваме за вакво нешто. Во кариерата сакав да играм најдобро што можам, бидејќи тоа е сѐ што навивачите сакаат да го видат – изјави Анри (43).
Приемот во „Куќата на славните“ е највисокото индивидуално признание што им го доделува Премиер-лигата на фудбалерите за нивните достигнувањата во таа лига, од формирањето на натпреварувањето во 1992 година. За да можат да конкурираат за влез во „Куќата на славните“, играчите мора да бидат пензионирани од 1 август 2020 година.