Само Рома и Лион не направија никаква измена во тимот зимава, а четирите англиски клуба не ангажираа, но пуштија по неколкумина во други екипи. Пред осминафиналето најмногу измени има кај Порто, Барселона и кај Ајакс, велат од УЕФА

Сите четири клуба од Англија што се во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем, во зимскиот преоден рок не ангажираа фудбалери што ќе имаат право да настапат во трката за континенталната титула.
Од тие англиски екипи зимава заминаа неколкумина, а според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА) со целосно ист состав во продолжението од европската сезона ќе играат Лион и Рома (никој не пристигна и не замина).

Од сезонава веќе не важи едно трансфер-правило, па сега клубовите можат во зимскиот период да ангажираат фудбалери што сезонава веќе играле за друг клуб во ЛШ и тие фудбалери да имаат право да играат и за новиот клуб во ЛШ во истата сезона.

Според УЕФА најмногу новаци пред осминафиналето има кај Порто (четворица), Ајакс и кај Барселона (по тројца). Зимава кај осминафиналистите во ЛШ биле направени шеесетина трансфери (пристигнувања и заминувања, но и неколку трансфери направени сега, а ќе се реализираат од јуни), но од тоа 28 фудбалери се позајмени.