Блатер е обвинет за заемот што во 2010 година ФИФА ѝ го даде на Фудбалската асоцијација на Тринидад и Тобаго, според документот во кој имала увид агенцијата „Асошиејтед прес“

Поранешниот претседател на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Сеп Блатер, е цел на нова истрага во Швајцарија, каде што е осомничен за криминално работење во врска со исплата на еден милион долари од фудбалските фондови, пишува „Њујорк тајмс“.

Блатер е известен од швајцарските државни обвинители дека е обвинет за заемот што во 2010 година ФИФА ѝ го даде на Фудбалската асоцијација на Тринидад и Тобаго, според документот во кој имала увид агенцијата „Асошиејтед прес“. Плаќањето од сметката на ФИФА на 13 април 2010 година било без камата, необезбедено, а подоцна таа се откажала во вид на подарок, се наведува во документот. Блатер во континуитет негира какви било финансиски неправилности што ја тресат ФИФА. Тој ја напушти функцијата, а е суспендиран на осум години и се соочува со судење во неговата држава.

Тоа е последно обвинение од швајцарските и од американските државни истражители што ја поврзуваат ФИФА за нередовни плаќања во корист на Џек Ворнер, нејзиниот поранешен потпретседател, кој, пак, се бори против екстрадиција во САД.
Во документот на швајцарското обвинителство се обвинети и поранешниот генерален секретар на ФИФА, Жером Валке, како и финансискиот директор Маркус Катнер. Швајцарското федерално обвинителство не одговори веднаш на барањето за коментар од новинската агенција АП.

Против Блатер се водат голем број судски спорови, меѓу кои се и земање мито во процесот за доделувањето на Светското првенство (СП) во 2010 година во Јужна Африка, како и за СП во Катар 2022 г. Против него кривично дело е отворено и во септември 2015 година, а поврзано со исплатите на ФИФА кон поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини, наведува „Њујорк тајмс“.