Швајцарија во мечот со Шпанија посакува реприза на осминафиналето во кое го елиминира актуелниот светски првак Франција, а Шпанците посакуваат да продолжи традицијата, која вели дека кога победуваат во четврт-финале на ЕП, на крајот го освојуваат трофејот

Мечот Швајцарија – Шпанија (од 18 часот) во четврт-финалето на фудбалското Европско првенство (ЕП) ќе биде прв дуел помеѓу овие две репрезентации во историјата на ЕП или во квалификациите за ЕП (се среќавале во пријателски мечеви, на светските првенства и во Лигата на нации).
На досегашните 22 меча Швајцарија победи на само еден натпревар, на премиерниот на Светското првенство (СП) во 2010 година во Јужна Африка, на кое Шпанците на крајот станаа светски шампиони. На преостанатите 21 меч, Шпанија забележа 16 победи, а пет дуела завршија без победник. Претходните два натпревара, минатата есен, во Лигата на нации (ЛН), завршија со победа на Шпанија дома (1-0) и со реми на гости (1-1).
Шпанија, трикратен европски првак, од 1964, 2008 и од 2012 година, во квалификациите беше импресивна, забележа осум победи и две ремија, е една од петте репрезентации што досега не е поразена на ЕП 2020, а на претходните два меча постигна 10 гола, во групата против Словачка (5-0) и во осминафиналето против Хрватска (5-3). Шпанците посакуваат и да продолжи традицијата, која вели дека кога победуваат во четврт-финале на ЕП, на крајот го освојуваат трофејот. За Швајцарците, кои петти пат се на ЕП, ова е прв четвртфинален меч. До него стигнаа со историската победа во осминафиналето, прва на официјален меч над светскиот првак, Франција, на пенали, откако по 120 минути игра беше 3-3.