Баерн го совлада Вердер со 1-0 и стана вториот тим што освојува осум последователни титули во една од петте најдобри лиги на Европа, по Јувентус од 2011 до 2019 година

Баерн со триумфот на гости над Вердер од 1-0, на две кола до крајот, ја освои осмата шампионска титула во Бундес-лигата, која ја прослави на празниот стадион „Васер“ што е со капацитет од 42.000 места. За споредба, кога лани стана првак, Баерн титулата ја славеше на арената „Алијанц“ пред 75.000 гледачи по блескавата победа над Ајнтрахт Франкфурт од 5-1.

Стрелец на победоносниот гол против Верде беше Полјакот Роберт Левандовски, за него 31. сезонава, рекорд за странски играч во лигата, со што се израмни со Габонецот Пјер-Емерик Обамејанг, сега играч на Арсенал, кој исто така постигна 31 погодок за Борусија Дортмунд во сезоната 2016/2017.

Во книгата на рекорди се запишаа уште Томас Милер и Давид Алаба за кои ова беше деветта титула со Баерн во Бундес-лигата, со што се израмнија со рекордот на Франк Рибери. На тој меч беше пресметано и дека Алфонсо Дејвис постигнал брзина од 36,51 км/час, што е рекорд во Лигата откако се бележат вакви податоци од сезоната 2013/2014.

Ханси Флик, пак, е третиот што ја освојува титулата со Баерн, како играч и како тренер, по Франц Бекенбауер и Нико Ковач. Флик беше првак како играч на Баерн четири пати, во 1986, 1987, 1989 и во 1990 година.

Баерн е вториот тим во една од петте најдобри лига на Европа што освојува осум последователни титули, по Јувентус во Серија А, од 2011 до 2019 година.
Во Европа, само Јувентус (35 во Серија А) и Реал Мадрид (33 во Ла лига) имаат освоено повеќе домашни титули од Баерн (30). Баварците имаат освоено 29 од вкупно 57 титули од основањето на Бундес-лигата во 1963 година, една повеќе од сите други клубови.

Баерн на 4 јули во Берлин ќе игра и во финалето на германскиот Куп, каде што ќе се сретне со Баер Леверкузен. Петкратните европски шампиони сѐ уште се и во Лигата на шампионите (ЛШ) и се на добар пат да се пласираат во четврт-финалето откако во првиот осминафинален натпревар на гости во Лондон го совладаа Челси со 3-0.