Диего Марадона (лево) во друштво на неговиот голем пријател Фидел Кастро

Легендарниот аргентински фудбалер Диего Марадона своевремено изјави дека неговиот херој, покојниот кубански револуционерен лидер Фидел Кастро, кого го сметаше за „втор татко“ и чие лице го тетовираше на неговата нога, своевремено му предложил да влезе во политиката. Марадона, кој почина вчера на 60-годишна возраст, никогаш не ги оствари тие аспирации, но одигра улога во поддржувањето на левичарските лидери ширум Латинска Америка, како Кастро, Уго Чавез од Венецуела и Ево Моралес од Боливија и им помогна да добијат поширока меѓународна поддршка.

– Сè што прави Фидел, сè што прави Чавез, е нешто што се прави на најдобар можен начин. Мразам сè што потекнува од САД. Го мразам со целото мое битие – изјави Марадона, зборувајќи за Чавез во една неделна телевизиска програма во 2007 година.

Марадона првпат се запозна со Кастро во 1987 година, една година откако ѝ помогна на Аргентина да го освои Светското првенство во фудбал и четири години пред распадот на Советскиот Сојуз што предизвика нова ера на економски тешкотии во комунистичка Куба. Невообичаеното пријателство меѓу честопати ексцентричниот фудбалер и начитаниот револуционер, се продлабочи на почетокот на векот кога Марадона престојуваше четири години во Хавана за да се излечи од зависноста од дрога.

– Кастро му беше идол, затоа што потекнуваше од скромно семејство. Како да се вљуби во Кастро, а потоа во Чавез, Моралес и така натаму – истакна Алфредо Тедески, аргентински телевизиски продуцент кој сега живее во Белгија, и кој се спријатели со Марадона додека известуваше за „Ројтерс“ од Хавана. Тедески, воедно, честопати го канел фудбалерот во својот дом на гозба со традиционална аргентинска скара.

Тедески се сеќава на времето кога Марадона тропнал на неговата врата и му предложил спонтано да го посетат Кастро. Кубанскиот лидер ги пречекал откако пристигнале и веднаш ги откажал закажаните состаноци за да помине три часа со нив, во кои дури успеале да одиграат една партија фудбал во неговата канцеларија.

– Секогаш разговараа за политика, а Диего навистина го интересираше – вели Тедески и додаде дека и Кастро исто така го посетувал Марадона во неговиот дом во Хавана.

Во 2005 година, Марадона го интервјуираше Кастро во неговото аргентинско телевизиско шоу и го праша како Џорџ В. Буш бил повторно избран за претседател на САД, на што Кастро одговорил дека се работело за „измама и дека заслужна била терористичката мафија од Мајами“. Во игра на судбината, Марадона почина на 25 ноември, на истиот датум како и неговиот идол пред четири години, за што во една прилика изјави дека „многу плачел“.

– Овие два датума што се поврзани со 25 ноември, ќе бидат запаметени во историјата по две легенди, една на фудбалот, а другата на кубанската револуција – порача пензионерот Луис Перез (64) од Хавана.

Министерот за надворешни работи на Куба, Бруно Родригез, на Твитер објави дека „пријателството на Марадона со Куба, особено со Фидел Кастро, го сплотило со неговиот народ“. Моралес и наследникот на Чавез, венецуелскиот претседател Николас Мадуро, исто така го изразија своето сочувство на Твитер. Марадона силно го поддржуваше Мадуро по воведувањето на американските санкции врз неговата влада. Моралес, кој воедно самиот е голем љубител на фудбалот, напиша дека „силно го погодила веста за смртта на неговиот брат и најдобар фудбалер на светот, Диего Армандо Марадона, човекот кој се бореше и сочувствуваше со сиромашните“. Поранешниот боливиски претседател го покани Марадона да игра против него во добротворен натпревар во Ла Паз во 2008 година, за да ја покаже неговата поддршка за боливиската кампања против забраната на ФИФА за одигрување натпревари на голема надморска височина. Забраната потоа беше повлечена.

Во интервју за аргентинскиот весник „Кларин“ во 2018 година, Марадона изјави дека размислува да се вклучи во политиката, можеби како кандидат за потпретседател на перонистката Кристина Фернандез, на претседателските избори од 2019 година, за да ја симнат од власт тогашната конзервативна влада.

– Фидел ми рече да ѝ се посветам на политиката и би ѝ се придружил на Кристина. Гледам како луѓето страдаат, луѓе кои не можат да врзат крај со крај секој месец – порача тој.

Фернандез, која сега е потпретседателка, избра друг пат, но вчера таа изрази сочувство за нејзиниот поранешен обожавател.

Марадона исто така живееше страсно, бунтовнички и секогаш беше против империјализмот, секогаш се залагаше за самоопределување на Латинска Америка и на глобалниот Југ, секогаш зборуваше за децата кои растат во услови слични на неговите, во сиромашната населба Вила Фиорито во Буенос Аирес. Тој беше петтото од вкупно осум деца кои живееја во дом без вода и струја, но никогаш не го заборави тоа. Неговото срце беше преголемо за да издржи во едно тело.

Марадона во текот на целиот свој живот имаше свои политички ставови кои воопшто не беа едноставни. Како католик оствари средба со папата Јован Павле Втори.

– Кога бев во Ватикан, ги разгледав златните тавани и потоа го слушнав папата како вели дека црквата се грижи за благосостојбата на сиромашните деца. Па, пријателе, зошто тогаш не продадете некој од овие тавани и да сторите нешто за нив – порача Марадона пред медиумите по средбата.

Тој со години се обидуваше да формира сојуз на професионални фудбалери, а во 1995 година порача дека „идејата за асоцијација му се родила како начин да ја изрази својата солидарност со многуте играчи на кои им е потребна помош од попознатите и дека нема намера да се бори против некој, освен ако самите тие не сакаат да го сторат тоа“.

Марадона секогаш ги бранеше угнетените, особено народот во Палестина. Тој се грижеше тие да не бидат заборавени, а како што кажа во 2008 година, „во срцето се чувствувал како Палестинец“ и дури кружеа гласини дека може да стане селектор на палестинската фудбалска репрезентација за време на Азискиот куп во 2015 година.

Марадона имаше тетоважи на Фидел Кастро и на Че Гевара со кој исто така се поистоветуваше и го сметаше за херој. Марадона сметаше дека кубанското здравство му го спасило неговиот живот, кога престојувал таму поради проблеми со зависноста и прекумерната тежина, за потоа да ги надмине проблемите и да биде подготвен да му се врати на фудбалот како тренер. Тој го поддржуваше Уго Чавез, во време кога венецуелскиот лидер преземаше радикални планови за прераспределба на приходите и образованието кај сиромашното население во државата. Тој беше жесток противник на администрацијата на Џорџ В. Буш, за време на војната во Ирак, и дури носеше маички со натпис „Буш е воен криминалец“. За бројни луѓе ширум светот Марадона беше херој токму поради неговите ставови, настрана од фудбалските постигнувања.

Превод: Билјана Здравковска

Текстот е компилација од повеќе написи во светските медиуми посветени на активизмот на починатиот Диего Марадона, неговото пријателство со лидерите од Латинска Америка и залагањето за поддршка на угнетените и обесправените ширум светот