Поминаа 20 години откако го потпишав првиот професионален договор и сметам дека
е вистинското време за повлекување, вели Чех, кој освои 15 трофеи, од тоа по еден во ЛШ и во ЛЕ, четири англиски титули…

По многуте освоени титули, успешните одбрани на головите на Челси, Арсенал и на Чешка, рекордните одиграни натпревари без примен гол во Премиер-лигата, Петр Чех (36) најави пензионирање на крајот од сезонава, по 20 успешни години.

Чех, кој во Арсенал пристигна во јуни 2015-та, по 11 години на голот на Челси (претходно бранеше за Спарта Прага и за Рен), во богатата кариера освои 15 трофеи. По еднаш бил победник во Лигата на шампионите и во Лига Европа, по четири пати шампион на Англија и освојувач на ФА-купот, трипати на Лига-купот и двапати на Комјунити шилдс. Тој е и единствениот голман во премиерлигашката ера што на над 200 натпревари (202 на 443 натпревари) не примил гол. Со такви бројки и колекција трофеи малкумина фудбалери, камоли голмани, може да се пофалат.

– По 15 години во Премиер-лигата и сите освоени трофеи, чувствувам како да сум постигнал сѐ што сакав да постигнам. Продолжувам со Арсенал и се надевам дека ќе освоиме уште еден трофеј сезонава. Поминаа 20 години откако го потпишав првиот професионален договор и сметам дека е вистинското време за повлекување. Со нетрпение очекувам да видам што ќе ми донесе животот надвор од теренот – изјави Чех, кој планира да остане во фудбалот како тренер.

Шампионскиот тим на Челси во сезоната 2004/2005 прими само 15 гола на 38-те натпревари, најмногу благодарение токму на Чех, кој ќе се памети повеќе по смиреноста и сигурноста на голот отколку по бравурозните парадерски интервенции.

Во еден период од кариерата тој беше сметан и за најдобар голман на светот. Но во декември 2006 година беше пред завршување на кариерата. На мечот против Рединг се судри со Стивен Хант, тешко го повреди черепот, мораше да оди на операција на главата и да паузира три месеци, што на некој начин му го смени стилот на бранење.

Таа повреда услови оттогаш да носи шлем, кој стана негов заштитен знак. Подоцна почнаа да се редат и грешките што дотогаш не беа својствени за него, но вкупно никој не може да му ги оспори високите квалитети и голманската долговечност.