За реизборот на Чеферин, покрај Словенија, позитивно веќе се изјасниле Италија, Република Ирска и Норвешка во името на шесте скандинавски земји (Шведска, Финска, Данска, Фарските Острови и Исланд)

Словенецот Александар Чеферин (50) и официјално се кандидира за уште еден мандат за претседател на Европската фудбалска унија (УЕФА). Неговата матична, фудбалската федерација на Словенија, објави дека и формално испратила допис за кандидатурата на Чеферин до УЕФА, два и повеќе месеца пред крајниот рок за пријавување, 7 ноември. Изборното собрание на УЕФА ќе се одржи на 7 февруари 2019 во Рим, Италија.

За реизборот на Чеферин, покрај Словенија, позитивно веќе се изјасниле Италија, Република Ирска и Норвешка во името на шесте скандинавски земји (Шведска, Финска, Данска, Фарските Острови и Исланд). „Осум европски фудбалски федерации (ги има вкупно 55 – н.з.) веќе испратија дописи до УЕФА во кои потврдуваат дека се за тоа Чеферин и во следниот период да остане на сегашната функција“, се вели во соопштението на ФФ на Словенија.

Чеферин дојде на челната позиција во УЕФА во септември 2016 година, победувајќи го на изборите Холанѓанецот Михаел ван Праг (42-13 во гласовите), со што стана осмиот претседател на УЕФА.
Чеферин го наследи Французинот Мишел Платини, кој во 2015 година беше суспендиран од Етичкиот комитет на Светската фудбалска федерација (ФИФА) на осум години поради финансиски малверзации. Тој се жалеше што казната му беше намалена на четири години, односно суспензијата му истекува во октомври 2019-та.
УЕФА соопшти дека нема да ги потврди претседателските кандидати пред крајниот рок во ноември. Кандидатите ќе мора да имаат поддршка од најмалку три федерации-членки на УЕФА, како и да ја поминат проверката на интегритетот и на подобноста утврдена од ФИФА.

Едно од главните прашања што треба да ги решат челниците на УЕФА во наредните години е како да се постигне договор со највлијателните клубови за форматот на Лигата на шампионите (ЛШ) од сезоната 2024/2025. Битна работа за УЕФА, секако, се и преговорите со ФИФА во врска со понудата од 25 милијарди долари за проширување на Светското клупско првенство и создавање глобална верзија на Лигата на нациите (ЛН) на УЕФА. 


ЛШ ќе почека на ВАР

Првиот човек на УЕФА, Чеферин, беше и е еден од противниците на воведувањето на видеоасистент-судијата (ВАР) на натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ), со образложение дека е прерано за такво нешто.
– Мислам дека сѐ уште не е време за ВАР, најрано тоа може да се случи во сезоната 2019/2020. ЛШ е како „ферари“ или „порше“, не можете да седнете во нив и веднаш да ги возите. Потребни ви се обука, тестови, подготовка и слично за да сфатите како функционираат. Така е и со ВАР. Имате многу примери со некои пенали. Многумина можат да ја гледаат снимката 20, дури и 50 пати и пак да остане дилемата, бидејќи за половината е пенал, за другата половина не е – вели Чеферин.