На денешниот изборен конгрес на УЕФА тој е единствен кандидат. Главните предизвици за Чеферин во новиот мандат доаѓаат од врвните клубови, кои бараат повеќе пари од ЛШ и од ФИФА, која сака да воведе нови натпреварувања, клупски и за репрезентации

Во главниот град на Италија, Рим, утре треба да се одржи редовниот 43. Конгрес на Европската фудбалска унија (УЕФА), на кој треба да му се потврди мандатот на актуелниот претседател, Словенецот Александер Чеферин, кој е единствен кандидат и на оваа функција е од 2016 година, пишуваат европски медиуми.

Покрај реизборот на новиот-стар претседател за следните четири години, на Конгресот на кој ќе присуствуваат претставници на сите 55 земји-членки на УЕФА, ќе бидат избрани и осум нови членови на Извршниот комитет (ИК), исто така, за наредниот четиригодишен мандат (најмалку една жена), за што има 11 кандидати, како и претставници за советот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), и тоа двајца потпретседатели на ФИФА со четиригодишен мандат, еден член на советот со четиригодишен и двајца со двегодишен мандат.

По утрешната формалност околу реизборот, Чеферин во наредниот период го очекуваат неколку тешки работи за решавање. Главните предизвици доаѓаат од врвните клубови, кои бараат повеќе пари од Лигата на шампионите (ЛШ), па ќе треба да ја зацврсти ЛШ и да ја стави во мирување идејата за формирање Суперлига, како и од ФИФА, која сака да воведе нови натпреварувања (се зборува за проширено светско клупско првенство со 24 екипи и за планетарна лига на нации). Според информациите, за време на следниот мандат Чеферин ќе се залага и за тоа Европа да предложи само еден кандидат за домаќин на СП 2030, за што ќе се одлучува во 2023 година. Л.Д.