Третото натпреварување на УЕФА за фудбалери веќе гарантира дека повеќе тимови и нивните поддржувачи ја доживуваат од прва рака возбудата на европскиот фудбал. Од 184 екипи што учествуваа во дебитантското издание, многу никогаш претходно не биле вклучени во натпреварување на УЕФА, а осум клуба првпат се пласираа во европска групна фаза

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, вели дека новото европско клупско натпреварување, Конференциската лига (КЛ), им дава шанса на повеќе фудбалери да ги исполнат своите соништа да играат фудбал на највисоко ниво. Обраќајќи се на првата ждрепка на натпреварувањето во Истанбул, Чеферин ја истакна важноста во давањето шанса на секој фудбалер да го исполни својот сон да игра големи европски натпревари, пишува УЕФА на својата интернет-страница.

– Мислам дека ова натпреварување покажува дека малите земји можат да играат со поголемите земји, секој може да игра со секого. Фудбалот не е спорт за елитата, само за богатите луѓе во спортот. Тоа е наш спорт и никогаш не може да ни се одземе – рече Чеферин, пренесе УЕФА.
Третото натпреварување на УЕФА за фудбалери веќе гарантира дека повеќе тимови и нивните поддржувачи ја доживуваат од прва рака возбудата на европскиот фудбал. Од 184 екипи што учествуваа во дебитантското издание, многу никогаш претходно не биле вклучени во натпреварување на УЕФА, а осум првпат се пласираа во европска групна фаза, и тоа Алашкерт (Ерменија), Бодо-Глимт (Норвешка), Флора (Естонија), Каират (Казахстан), Линколн (Гибралтар), Мура (Словенија), Рандерс (Данска) и Унион Берлин (Германија), пишува УЕФА. Пред оваа сезона ниту еден клуб од Ерменија, Естонија или од Гибралтар не учествувал во групна фаза на клупско натпреварување на УЕФА.

Ларне, клуб од Северна Ирска, кој играше од првото квалификациско коло минатиот месец, ја достигна долгогодишната амбиција.

– Тоа беше една од нашите големи цели: да влеземе во Европа. Се стремиме веќе неколку години, но уште е момент за неверување. Гледајќи ја целата преписка со УЕФА и со Ирскиот фудбалски сојуз, едноставно беше неверојатно. Има луѓе што беа вклучени во клубот многу подолго од мене, па да се видат тие луѓе со солзи во очите на баражот беше неверојатно. Многумина никогаш не би помислиле на „Ларне“ и „европски фудбал“ во истата реченица, но еве нѐ – рече во јули генералниот директор на Ларне, Нил Карнин, пишува УЕФА.