Како главни претенденти за шампионската титула се сметаат актуелниот шампион Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул и Челси, кои и ланската сезона ја завршија на првите четири позиции

Со вечерашниот меч меѓу двата лондонски тимови, Брентфорд и Арсенал, ќе започне новата сезона 2021/2022 во англиската Премиер-лига, најбогатата и најквалитетна фудбалска лига на светот. Како главни претенденти за освојување на титулата се сметаат четири екипи, актуелниот шампион Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул и Челси, кои и ланската сезона ја завршија на првите четири позиции. Прогнозите се дека тие повторно ќе го имаат главниот збор, без разлика кој на која позиција ќе биде на крајот, што е добра најава дека ова ќе биде една од најинтересните и најнеизвесни сезони кога станува збор за првата позиција. Манчестер сити во одбраната на титулата ќе тргне со скапото засилување (118 милиони евра), Џек Грилиш. Градскиот ривал Манчестер јунајтед го задржа јадрото на тимот од минатата сезона, но се засили и со Џејдон Санчо (86 милиони) и со Рафаел Варан (50 милиони евра), што го прави сериозен кандидат за шампион, првпат по 2013-та. Ливерпул посакува да го одмине лошата среќа од лани кога се повредија тројцата централни дефанзивци, Вирџил ван Дајк, Жоел Матип и Џо Гомез. Челси, актуелниот првак на Европа, исто така го има старото јадро, а се очекува да пристигне и Ромелу Лукаку, за да го засили и онака силниот тим предводен од Томас Тухел.

На стадионите низ Англија повторно ќе има навивачи, кои лани недостигаа во спектаклот, без разлика дали станува збор за 17.250 навивачи на Брентфорд или за 75.600 на Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“. Секој глас на секој терен ја поправа и ја збогатува атмосферата, и по 18 месеци без натпревар одигран пред повеќе од 10.000 навивачи, кои ќе му се радуваат на секој постигнат гол, со нетрпение се очекува нивното враќање.
На Тотенхем и на Арсенал, уште два тима од т.н. „голема шесторка“, им се предвидува борба за „најдобар меѓу преостанатите“. Но и тоа може да биде тешко остварливо за Тотенхем доколку си замине Хари Кејн. За Арсенал ова ќе биде прва сезона без континентален фудбал, по 1995/1996-та и покрај воведувањето на новото европско натпреварување, Лигата на конференции (ЛК). Лидс и Астон вила лани завршија на 9-то, односно 11-то место, во првите сезони по враќањето во Премиер-лигата. Лидс ќе мора да се подобри во дефанзивата (лани прими 54 гола, седми најлош ефект), а Астон вила брзо да се приспособи на ерата по Грилиш (шест гола, 10 асистенции). Саутемптон, Брајтон и Барнли најверојатно ги чека уште една битка за опстанок. Откако Барнли се врати во Премиер-лигата пред пет години, на овие три тима постојано им се заканува испаѓање. Норич и Ватфорд по само една сезона во Чемпионшип повторно се во старото друштво. Новак е Брентфорд и првпат е во најсилната лига на Англија, по сезоната 1946/1947.