Денеска се играат првите два четвртфинални натпревари на СП 2018, во кои веројатно ќе играат, меѓу другите, Мбапе, Гризман, Погба (Франција), Суарез, Годин, Кавани (Уругвај), Нејмар, Вилијан, Кутињо (Бразил), Азар, Лукаку, Де Брујне (Белгија)…

Според многумина Светското првенство (СП) во фудбал во Русија е едно од најквалитетните и највозбудливите досега, со редица „класици“ на кои имаше многу голови, особено во последни секунди од средбите, продолженија, пенал-завршници, одлуки со помош на „дебитантот“, системот видеопомошник-судија (ВАР) и многу друго. Имајќи го сето тоа предвид, слично нешто може да се очекува и на денешните и на утрешните четвртфинални дуели. Денешната програма од 16 часот треба да ја отворат Уругвај и Франција, а од 20 часот е дуелот на Белгија и Бразил.
УРУГВАЈ – ФРАНЦИЈА: пред сѐ ќе биде интересен дуелот помеѓу клупските колеги од Атлетико Мадрид, напаѓачот, Французинот Антоан Гризман и одбранбените играчи на Уругвај, Диего Годин и Хозе Хименез. Тие се одлични пријатели, а Годин е и кум на ќерката на Гризман. Лани, откако Франција се квалификува за СП, Гризман се сретна со Годин и со Хименез на аеродромот во Мадрид облечен во дрес на Уругвај.
– Дел од мене е Уругваец. Тоа е нација што ја сакам, земја што ја сакам и ова ќе биде многу емотивен меч за мене – изјави Гризман.
Од друга страна, уругвајскиот напаѓач на Барселона, Луис Суарез, не беше во слично сентиментално расположение.
– Тој е Французин и не знае какво е чувството да се биде Уругваец. Тој не знае кои сме и што сѐ треба да направиме за да бидеме успешни во фудбалот. Тој ги сака и ужива во нашите обичаи, го зборуваме истиот јазик, но ние чувствуваме поинаку – вели Суарез.
Настрана од пријателството меѓу играчите на Атлетико Мадрид, се очекува фасцинантна средба. Двете селекции имаат некои од најголемите напаѓачи на светот во моментов, а во минатата осминафинална рунда ги исфрлија репрезентациите во кои се двата најдобри фудбалери на светот, Лионел Меси во Аргентина и Кристијано Роналдо во Португалија.
Франција ги има тројцата од петтемина најскапи фудбалери, откако трансферот на Килијан Мбапе за 180 милиони евра од Монако во ПСЖ ќе се реализира (уште и Дембеле и Погба). Мбапе е првиот тинејџер, по Бразилецот Пеле на СП 1958, што постигнал два гола на меч на СП (против Аргентина, 4-3).
Уругвај, кој ја елиминира Португалија во претходната рунда (2-1), во нападот ги има Суарез и најдобриот стрелец на ПСЖ на сите времиња, Единсон Кавани, чиј настап денеска е под голем знак прашалник поради повредата на мускулот. Двајцата заедно постигнаа 98 гола за Уругвај.

БРАЗИЛ – БЕЛГИЈА: Белгијците, веројатно, жалат што се најдоа во „потешката“ половина од ждрепката на СП, по освојувањето на првата позиција во групата Г. Во понеделникот, во вистински трилер-меч, Белгија ја елиминира Јапонија, надоместувајќи ја негативата од 0-2 и постигнувајќи го победоносниот гол за 3-2 во последниот напад, во 94-та минута, на 15 секунди пред крајот на средбата. Сега ги очекува првиот фаворит за освојување на титулата, петкратниот шампион Бразил.
Белгија не знае за пораз на 23 меча и е една од двете репрезентации (уште и Уругвај) што ги добија сите четири натпревари на ова СП. По неверојатното враќање против Јапонија, расположението во нивниот табор е на највисоко ниво.
– Кога губевме со 0-2 имав некакво чувство „ОК, немаме што повеќе да загубиме“, што на некој начин нѐ ослободи. Така ќе биде и против Бразил, освен што тоа чувство ќе го имаме уште од првата секунда – вели селекторот на Белгија, Роберто Мартинез.
Во двете репрезентации има неколку суперѕвезди што настапуваат во најпознатите европски тимови, Барселона, Челси, Ливерпул, Манчестер сити и ПСЖ. Нејмар е еден од најдобрите играчи на ова СП и е во центарот на вниманието, понекогаш и поради нефудбалски причини. И на овој меч ќе има дуели на колеги, како Габриел Жезус и Де Брујне од Манчестер сити, Вилијан и Азар од Челси, Фермален и Кутињо од Барселона, итн.
Друга важна работа што треба да се запамети, освен разговорите за одличните напаѓачи на Бразил, е тоа дека според квалитетот и одбраната не заостанува многу, што се гледа и од тоа дека прими само еден гол на последните девет натпревари. На СП во Русија на противниците на четирите меча им дозволија да упатат само пет удари кон нивниот гол.