На Ливерпул наместо реванш, му се повтори резултатот од претходниот пораз во финалето на ЛШ во 2018 година (1-3). Како и тогаш, „црвените“ се враќаат дома со сознанието дека нивната одбрана можеше и требаше да реагира многу подобро при трите примени гола

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Реал Мадрид го надигра Ливерпул (3-1) во првиот четвртфинален меч во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), беше доминантен и можеше да забележи и поубедлива предност пред реваншот на стадионот „Енфилд“ в среда. На Ливерпул наместо реванш, му се повтори резултатот од претходниот пораз, во финалето на ЛШ во 2018 година (1-3). Како и тогаш, „црвените“ се враќаат дома со сознанието дека нивната одбрана можеше и требаше да реагира многу подобро при трите примени гола.
Реал ја прокнижи четвртата победа над Ливерпул во европските натпреварувања, најмногу од речиси сите тимови (се израмни со Бенфика), со тоа што „црвените“ ги загубија претходните четири средби. Реал сезонава не почна најдобро, но потоа се подобри значително и нема загубено меч од јануари. Тренерот на Реал, Зинедин Зидан, тактички го надмудри својот колега, Јирген Клоп, откривајќи ги и користејќи ги слабите места на Ливерпул. На Зидан во тимот му недостигаа неколку клучни, одбранбени играчи, Серхио Рамос и Рафаел Варан. Но затоа, пак, во одлично поставената игра, во средниот ред „царуваа“ Лука Модриќ и Тони Крос, а во нападот Винишиус, стрелецот на два гола.

– Чувството е добро, многу сум горд. Задоволен сум како игравме, иако имавме некои тешкотии во почетокот на второто полувреме. Знаевме дека можеме да напаѓаме по крилните позиции, бидејќи нивните бекови сакаат, исто така, да одат во напад и оставаат празен простор. Работите се одвиваа добро за нас во таа смисла, а квалитетот на Крос беше очигледен во додавањето до Винишиус, кој покажа класа при приемот на топката и постигнувањето на првиот гол – изјави Зидан.
За Зидан ова беше 50-ти натпревар во ЛШ и 31. победа. Само Јуп Хејнкес има повеќе победи (32) на првите 50 меча во ова натпреварување. На „кралевите“ во прилог им оди фактот дека на 15 од претходните 16 нокаут-натпревари во ЛШ минуваа во следната фаза по победата во првиот меч, освен во дуелот со Ајакс во осминафиналето, во сезоната 2018/2019.


Ројс го надмина Левандовски

Манчестер сити со минимална предност (2-1) оди на реваншот следната недела против Борусија Дортмунд во четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). „Граѓаните“ одиграа многу полошо отколку на претходните натпревари во Премиер-лигата, но со голот на Фил Фоден во 90-та минута ја прокнижија 12-та победа (со едно реми) на домашен терен во ЛШ. Во првото полувреме романскиот судија Овидиу Хатеган досуди пенал за Сити, што по интервенција на ВАР беше поништен. Марко Ројс го постигна 18-от гол за Борусија во ЛШ, еден повеќе од Роберт Левандовски, што е нов клупски рекорд.
– Во првото полувреме не бевме умни со топката. Второто полувреме беше многу подобро, при водство со 1-0 имавме две-три чисти шанси да постигнеме втор или трет гол. Имаме уште една шанса следната недела, во Дортмунд одиме да победиме – изјави менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола.