Фабрегас веќе игра за Монако

Од Челси си замина Мората, претходно и Фабрегас, а нови играчи се Пулишиќ веројатно и Игуаин

Зимскиот преоден фудбалски рок влегува во завршната фаза (ќе трае до 31 јануари) во најсилните европски лиги и барем досега изостанаа скапите трансфери слични на оние од минатите години.

Најактивен на трансфер-пазарот досега беше премеирлигашот Челси, кој направи неколку звучни трансфери и најверојатно нема да застане на тоа. Другите премиерлигашки тешкаши, како и оние од петте најсилни европски лиги, засега мируваат што не значи дека во наредните денови нема да се случи некое изненадување.

Последен од неколкуте поголеми зделки е трансферот на Шпанецот Алваро Мората од Челси во Атлетико за засега непозната сума пари. Мората дојде во Челси во јули 2017-та за 60 млн. фунти (68 млн. евра), но не ги оправда очекувањата, посебно сезонава. Овој трансфер отвора можност за преселба на Аргентинецот Гонзало Игуаин од Милан (таму е на заем од Јувентус) во Челси, како замена за Мората. Пред неколку дена од Челси си замина уште еден Шпанец, играчот од средниот ред, Сеск Фабрегас, во Монако. На почетокот од преодниот рок Челси го капариса и младиот американски репрезентативец, 20- годишниот Кристијан Пулишиќ од Борусија Дортмунд, за 55 млн. евра, кој ќе ги засили летово.

Тотенхем остана без белгискиот интернационалец, Муса Дембеле, кој кариерата ќе ја продолжи во кинескиот прволигаш Гванжу, за околу 15 млн. евра.

Борнмут направи две зделки со Ливерпул, го купи напаѓачот Доминик Соланки за 21,5 млн. евра, а бекот Натаниел Клајн го доби на шестмесечен заем.

Во Премиер-лигата, во Фулам, кој се бори за опстанок, по подолга пауза се враќа холандскиот интернационалец, Рајан Бабел, играчот на Бешикташ, на заем. Ново-старо име е Самир Насри во Вест Хем, кој доаѓа како слободен играч, поранешен играч на Арсенал. „Чеканите“од Лондон најверојатно ќе останат без Австриецот со српски корени, Марко Арнаутовиќ, кој по секоја цена сака да оди во Кина зимава.

Другите најпознати и најбогати европски клубови, од Реал, Барса, Баерн, Јувентус, Интер, ПСЖ итн., како да прават рекапитулари и како да се подготвуваат за летниот преоден рок за кога во најава има повеќе мултимилионски зделки, слични на оние на Нејмар, Мбапе, Осман Дембеле, Фелипе Кутињо кои чинеа од 150 до над 200 милиони евра.

Како идни топ летни трансфери се оние на Еден Азар (од Челси во Реал), на Герет Бејл (Реал – Манчестер Ј.), на Френки де Јонг и на Матијас де Лајт (Ајакс – Реал, Барса, Манчестер Ј и С.), на Иско (Реал -?), на Калиду Кулибали (Наполи – Манчестер Ј.) и други.