ФУДБАЛ

Европа ќе добие нов континентален првак откако во финалето на Лигата на шампионите за фудбалерки ќе играат Челси и Барселона. Мечот за трофејот е закажан за 16 мај, во Гетеборг.
Ниту една екипа од финалистите сезонава претходно не го освоила овој трофеј, но победникот ќе биде првиот клуб што ги освоил Лигата на шампионите за мажи и за жени, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Челси првпат ќе игра во финалето на ЛШ за фудбалерки, а Барселона еднаш стигна до мечот за титулата, пред две години, кога загуби од Лион, најтрофејниот клуб, со седум титули европски првак. Барселона во полуфиналето сезонава славеше по двата дуела со ПСЖ, а Челси го совлада Баерн.
Ова ќе биде прво финале без германски или без француски тим од 2007 година, кога англиски Арсенал, со сегашната менаџерка на Челси, Ема Хејс, го совлада Умео од Шведска, пишува УЕФА.