Црвена звезда вечерва го пречекува Ливерпул во четвртата рунда, група Ц, во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, и ќе се обиде да одигра многу подобро и, што е побитно, да оствари подобар резултат отколку пред две недели на стадионот „Енфилд“, кога загуби со 0-4. Црвено-белите од Белград, по трите кола, имаат само еден бод, по ремито дома со Наполи во првото коло. Црвените од Ливерпул, кои се први во групата со шест бода, важат за фаворит во овој дуел, но какво било потценување, загубен бод или три во Белград, може скапо да ги чини, а тоа е неиграње во нокаут-фазата.

Во Црвена звезда уште се сеќаваат на двете победи над Ливерпул во Купот на шампионите (КЕШ) во сезоната 1973/1974 (2-1 и 2-1). Но тоа е минато, Ливерпул сега има многу поквалитетен состав, што не значи дека Црвена звезда не е без шанси, имајќи предвид дека не е поразена дома во европските натпревари на последните седум меча (три победи и четири ремија).

Црвена звезда, која е дебитант во ЛШ (како и Хофенхајм и Јанг бојс), до групната фаза натпревари стигна во седмиот обид, по четирите напорни квалификациски рунди, што е потсетник дека ќе стори сѐ за да постигне позитивен резултат. Иако не е некакво мерило, треба да се каже и дека „црвено-белите“ се во серија од 41 меч без пораз во српската Суперлига (37 победи и четири ремија), почнувајќи од октомври 2017-та. На пресот пред мечот тренерот на Црвена звезда, Владан Милојевиќ, рече дека Ливерпул е една од најдобрите европски и светски екипи, но и оти неговите избраници се подготвени за фудбалски спектакл.

Ливерпул сезонава одлично турка во Премиер-лигата, не е поразен по 11-те кола (осум победи и три ремија), а слично е и во ЛШ (ако се изземе поразот од Наполи), каде што лани беа најефикасни со по 3,15 гола по меч. 


Борусија и Барса вечерва можат да станат осминафиналисти

Од другите двојки, вечерва во фудбалската Лига на шампионите за издвојување се два дуела, по еден од групите А и Б. Во Мадрид се игра дербито Атлетико – Борусија, а во Милано Интер ја пречекува Барселона. Во двата случаја тоа се мечеви на водечките тимови во групите. Според бодовното салдо на екипите, Борусија и Барселона со евентуални победи уште сега ќе го обезбедат пласманот во осминафиналето.