Фото: Игор Бансколиев

За ЕП фокусот е насочен кон првиот ривал, Австрија, потоа ќе дојдат на ред и другите ривали. Пред тоа, во март, ни претстојат првите три натпревари во квалификациите за СП 2022 во Катар и мора да се размислува и за нив, вели Ангеловски

ФУДБАЛ – ИГОР АНГЕЛОВСКИ, СЕЛЕКТОР НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

Репрезентацијата на Македонија ќе одигра еден контролен натпревар пред почетокот на Европското првенство (ЕП) во фудбал, во почетокот од јуни, со противник со кого сѐ уште се преговара, во пресрет на мечевите во групата Ц на ЕП, во која противници на Македонија ќе ѝ бидат селекциите на Австрија, Украина и на Холандија, вели селекторот Игор Ангеловски.
Македонија, која првпат ќе настапи на фудбалско ЕП, пред континенталното првенство ќе се подготвува во Букурешт, поточно ќе тренира на новиот национален стадион, на „Стеауа“, кој е со капацитет од 55.634 седишта и на кој треба да ги одигра првите два меча на ЕП, против Австрија, на 13 јуни и против Украина, на 17 јуни. Во последниот натпревар во групната фаза на ЕП 2020 Македонија се среќава со Холандија, на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам, на 21 јуни.
– Има уште доста време пред ЕП. Пред тоа, во март, ни претстојат првите три натпревари во квалификациите за Светското првенство во 2022 година во Катар. Мора да се размислува и за нив, треба да се анализираат противниците. За ЕП фокусот е насочен кон првиот ривал, Австрија, потоа ќе дојдат на ред и другите ривали. Моите желби и очекувања се да одиграме најдобро што можеме, а целта е пласман во втората фаза што би било голем успех за нас – вели Ангеловски.

Што се однесува до составот што ќе ја претставува Македонија на ЕП, Ангеловски вели дека нема потреба за какви било поголеми промени или некакви експерименти.
– Сегашната репрезентација подолго време игра заедно, оствари завидни резултати минатите години, успешно ги помина квалификациите за ЕП 2020, одигра одлично и во Лигата на нациите, спој е на искусни и на млади играчи и нема потреба од некои драстични промени. Се надевам дека сите ќе бидат здрави, оти ќе ги одминат повредите што е предуслов за добри игри и резултати на ЕП. Минатите години покажавме дека можеме рамноправно да играме и со најдобрите во Европа. Нема потреба да се плашиме од никого, на ЕП одиме да се надигруваме, не сме оптоварени со некакви големи очекувања што е добро – вели Ангеловски.

Селекторот Ангеловски неодамна го продолжи договорот за наредните шест месеци, до завршувањето на ЕП.
– Интересите и потребите на репрезентацијата секогаш биле во преден план, потоа на ред доаѓаат моите. Не беше ништо спорно, иако малку се одолжи тоа. Во наредниот период ни претстои многу работа, многу важни натпревари и отсега па натаму само на тоа ќе се концентрираме – вели Ангеловски.


МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2020

ГРУПА Ц
13 јуни, Букурешт Македонија – Австрија
17 јуни, Букурешт Македонија – Украина
21 јуни, Амстердам Македонија – Холандија

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022
ГРУПА Ј
25 март Романија – Македонија
28 март Македонија – Лихтенштајн
31 март Германија – Македонија