Хрватите ја слават победата против Аргентина

За „гаучосите“ ова е најтежок пораз по оној на СП 1958 во Шведска, од Чехословачка, 1-6, кој најверојатно ќе значи прерано збогување од СП, на кое дојдоа како едни од главните фаворити за освојување на титулата

Хрватите им одржаа лекција на Аргентинците, предводени од најдобриот светски фудбалер, Лионел Меси, славеа убедлива победа од 3-0 во второто коло во групата Д на Светското првенство (СП) во Русија, што ги води во нокаут-фазата, меѓу најдобрите 16. За „гаучосите“ ова е најтежок пораз по оној на СП 1958 во Шведска, од Чехословачка, 1-6, кој најверојатно ќе значи прерано збогување од СП, на кое дојдоа како едни од главните фаворити за освојување на титулата.
Хрватска одигра одличен меч, ја надигра Аргентина, во што обилно ѝ помогна и голманот Вили Кабалеро, кој направи почетничка грешка во 54-та минута и буквално му ја подари топката на Анте Ребиќ, кој со волеј го постигна водечкиот гол за „коцкестите“.

По тој гол играта на Аргентинците, која и дотогаш не беше којзнае на какво рамниште, едноставно се распадна. Допрва ќе се прават детални анализи зашто и како Аргентинците одиграа многу под просекот и квалитетот што го поседуваат, но и за лаиците се јасни некои работи.

Селекторот Хорхе Сампаоли сигурно е еден од најголемите виновници за фијаското на Аргентина. Очигледно тој не ја реши „равенката“ како најдобро да го искористи Меси и како до го вклопи во тимот и сето тоа да функционира на најдобар можен начин.
Неговиот избор на фудбалери за СП за многумина беше лош, формацијата на играта исто така, не само за мечот со Хрватска туку и за тој против Исланд (1-1). На клупата за резервни играчи ги остави Анхел ди Марија, Гонзало Игуаин, Паоло Дибала. Сѐ му беше подредено на Меси, секоја топка да му се додаде нему, но без тимска игра и без јасна концепција (3-4-3 што не му одговара на Меси), не помагаше ништо, ниту неговата генијалност, а не би помогнал ниту Марадона од најславните денови. За општата конфузија на играта на Аргентинците сведочи и податокот дека Меси немаше упатено удар на голот на Хрватска до 64-та минута (до крајот само еден), а во првите 45 минути имаше само 20 допири со топката, што е втор најслаб ефект (зад Серхио Агуеро со седум, додека Кабалеро имаше 22 допири!) кај Аргентина. За конфузната и крајно неинвентивна игра на Аргентинците во првите 45 минути и тоа дека не создадоа ниту една изгледна ситуација за постигнување гол, упатувајќи само два удара на голот на Даниел Субашиќ.

Хрватите, предводени од Лука Модриќ, кој го постигна вториот гол и царуваше на средината на теренот, имаа 62 контакти со топката и 29 додавања на противничката половина, со 82-отстотна успешност, одиграа одлично, ги искористија своите шанси и ја заслужија победата, прва против јужноамериканска селекција на СП по четирите претходни порази.

Модриќ, кој даде гол (од пенал) и на првиот меч со Нигерија (2-0), е третиот хрватски фудбалер што постигнува гол на трето СП по ред, по Давор Шукер и Иван Перишиќ.