Дресот го имам 34 години и никогаш не сум се обидел да го продадам. Сакам да го имам, за мене има неверојатна сентиментална вредност, вели Стив Хоџ (58), репрезентативец на Англија на СП 1986

Поранешниот фудбалер на Англија, Стив Хоџ (58), изјави дека цела недела ги одбивал потенцијалните купувачи на дресот што го носеше Диего Марадона во четвртфиналниот меч Аргентина – Англија (2-1) на Светското првенство (СП) во 1986 година и инсистира дека тој дрес не е на продажба, пишува „Ројтерс“. Марадона ги постигна двата гола на тој натпревар, едниот со т.н. божја рака, а вториот кога ги предрибла речиси сите противнички фудбалери.
– Јас одев во тунелот, а Марадона доаѓаше од спротивната насока. Само го соблеков дресот и едноставно ги заменивме – изјави Хоџ за британските медиуми.
Смртта на Марадона минатата недела драстично го зголеми интересирањето на колекционерите за тој дрес, кој му припаѓа на Хоџ, а е изложен во Националниот фудбалски музеј на Англија во Манчестер.

– Дресот го имам 34 години и никогаш не сум се обидел да го продадам. Сакам да го имам, за мене има неверојатна сентиментална вредност. Луѓе постојано тропаат на мојата врата, нонстоп ѕвони телефонот, постојано се јавуваат од различни ТВ и радиостаници, дури и од странство. Се чувствував непријатно и не баш убаво. Имаше некои шпекулации дека сакам еден милион или два за дресот. Сметам дека тоа е непочитување и сосема погрешно. Дресот не е на продажба – изјави Хоџ за Би-би-си радио Нотингем, пренесе „Ројтерс“.