ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Норвежанецот Ерлинг Холанд со еден гол за Борусија Дортмунд собори два рекорда во германската фудбалска Бундес-лига, во натпревар од 13. коло, пишува германскиот спортски дневен весник „Кикер“ на својата интернет-страница. Борусија на гости го победи Волфсбург, со 3-1. Холанд го постигна третиот гол за својот тим и сега има 50 гола, по одиграни 50 натпревари во Бундес-лигата.
Првиот рекорд што го собори е за најмалку одиграни мечеви за да стигне до 50 гола, рекорд што досега го држеше Тимо Кониецка (50 погодока на 63 средби, а потоа на таа листа се Рој Макај и Уве Зелер со по 67 натпревари).
Холанд стана и најмладиот фудбалер во Бундес-лигата со постигнати 50 гола. Водечки на оваа листа беа Клаус Фишер (21 година и 293 дена) и Дитер Милер (22 години и девет дена). Холанд голот против Волфсбург го постигна на возраст од 21 година и 129 дена.
Борусија сега има 30 бода и е на второто место на табелата, зад водечкиот Баерн, кој има 31 бод. В сабота е големото дерби помеѓу двата клуба, во Дортмунд.