На мечот Севилја – Борусија Д., 2-3, два гола за германскиот тим постигна Холанд (20), кој е првиот фудбалер со 18 гола на првите 13 меча во ЛШ

ФУДБАЛ

Борусија Дортмунд ја совлада Севилја на гости со 3-2 во првиот осминафинален меч во Лигата на шампионите (ЛШ), а најмногу заслуги за тоа има младиот Норвежанец Ерлинг Холанд, кој постигна два гола, на третиот меч во низа, и е петтиот фудбалер во ова натпреварување со таков ефект, по Кристијано Роналдо (трипати), Филипо Инѕаги, Џовани Елбер и Роберт Левандовски.
Холанд (20) од почетокот на ланската сезона, на првите 13 настапи во ЛШ, постигна 18 погодоци (исто колку и Роберт Левандовски од Баерн), само еден помалку од Килијан Мбапе пред наполнети 21 година. Холанд во јули годинава ќе наполни 21 година. Дотогаш тој ќе може да се пофали и со фактот дека постигнал барем еден гол против сите осум тима против кои играл досега во ЛШ. Тој постигна 10 гола на првите седум меча за Борусија Дортмунд во ЛШ, најбрзо од сите играчи, соборувајќи го рекордот на Рој Макај од Баерн и е првиот фудбалер со 18 гола на првите 13 меча во ЛШ.
Холанд има фантастичен почеток на кариерата во споредба со најславните европски напаѓачи на неговата возраст. Левандовски и Луис Суарез уште немаа одиграно ниту еден меч во ЛШ кога беа на негова возраст, а на Кристијано Роналдо му беа потребни 1.299 минути во дресот на Манчестер јунајтед до постигнувањето на првиот гол. Холанд во просек постигнува 1,64 погодок по натпревар во ЛШ, што е многу подобар ефект од, на пример, оној на Лионел Меси (0,47) и на Мбапе (0,67) во текот на нивните сезони на 20-годишна возраст.


ОСМИНАФИНАЛЕ

Севилја – Борусија Д. 2-3
Порто – Јувентус 2-1
Барселона – ПСЖ 1-4
Лајпциг – Ливерпул 0-2

ИДНАТА НЕДЕЛА
Лацио – Баерн
Атлетико – Челси
Аталанта – Реал Мадрид
Борусија М. – Манчестер С.

реваншите се играат
од 9 до 17 март