Веруваме дека не постои единствено решение за технологиите на моторите во иднина, но хибридниот мотор со одржливо гориво ќе биде значаен момент за спортот и за автомобилскиот сектор, велат од Ф1, која веќе реши моторите во 2021-та да користат горива со 10 отсто одржлива содржина, пренесува „Би-би-си“

АВТОМОБИЛИЗАМ

Формула 1 планира да воведе мотори напојувани од одржливи горива до 2026 година, како дел од поширокиот план за заштита на животна средина во текот на следните години, пишува „Би-би-си“. Работна група што вклучува специјалисти од производители на автомобили и снабдувачи на мотори треба да испита како најдобро да се комбинираат хибридните мотори со горива со неутрална емисија на јаглерод. Спортот сака нула јаглероден отпечаток до 2030 година и во соопштението се вели дека Ф1 има „потенцијал да предводи во технологијата што ќе ги намалува на светско ниво автомобилските емисии на јаглерод“, пишува „Би-би-си“.
Во изјавата за работата на Ф1 за одржливоста се додава: „На врвот на нашите приоритети, како за одржливоста, така и за нашиот спорт, е изградба на мотор со внатрешно согорување што има еколошки цели со нашите автомобилски партнери и општеството. Иако автомобилите сочинуваат многу мал процент од јаглеродниот отпечаток како спорт (0,7 отсто), важно е дека највизуелниот дел од нашиот спорт е одржлив и може да има реални придобивки.

Ние, исто така, веруваме дека не постои единствено решение за технологиите на моторите во иднина, но хибридниот мотор со одржливо гориво ќе биде значаен момент за спортот и за автомобилскиот сектор“.
Ф1 веќе реши моторите во 2021-та да користат горива со 10 отсто одржлива содржина. Една опција што се истражува за да се постигне 100 отсто одржливост е употребата на синтетички горива, кои во своето производство вклучуваат јаглерод од атмосферата и затоа се јаглеродно неутрални. Планот за одржливост на овој спорт вклучува и 100 отсто објекти и фабрики со обновлива енергија, кои може да произведуваат со употреба на одржливи материјали до 2025 година, вклучувајќи и забрана на пластика за еднократна употреба.