Фулам е третиот тим од Чемпионшип, покрај Лидс и ВБА, што во новата сезона ќе игра во Премиер-лигата. Во финалето на плејофот, Фулам го совлада локалниот ривал од западен Лондон, Брентфорд, со 2-1, по 120 минути игра на празниот стадион „Вембли“.

Ова е „најскапиот фудбалски меч“, како што го нарекуваат некои, кој, според процените на „Делојт“, на Фулам може да му донесе заработка од над 135 милиони фунти (над 150 милиони евра) во следните три години, пари од ТВ-правата и од други комерцијални зделки. Таа сума би можела да се зголеми и до 265 милиони фунти (околу 300 милиони евра) во наредните пет години доколку Фулам не испадне од Премиер-лигата уште во првата сезона. На ваква заработка може да сметаат и другите два клуба, Лидс и ВБА, кои следната сезона ќе играат во Премиер-лигата – истакнуваат од „Делојт“.

Брентфорд, на кој промоцијата во Премиер-лигата ќе му донесеше 160 милиони фунти (177 милиони евра) по четврти пат губи плејоф-финале, односно по деветти пат не успева да се пласира во повисок ранг, што е нов неславен рекорд во англискиот фудбал. Брентфорд последен пат играл во најсилната лига на Англија пред 74 години, во 1947-та.