Меси: Потребни се промени во Барселона

Лионел Меси вели дека во Барселона „работите треба да се променат“ доколку не сака да биде елиминирана од Наполи во Лигата на шампионите (ЛШ), откако ја загуби титулата во шпанското фудбалско првенство од Реал Мадрид. Барса во претпоследното коло загуби дома од Осасуна, со 1-2, со што заврши серијата од 30 меча без пораз на свој терен.
Претходно Барселона беше елиминирана и од домашниот куп, во четврт-финалето во февруари, и сега целиот фокус е на реваншот од осминафиналето во ЛШ следниот месец со Наполи, дома. Првиот натпревар заврши без победник, 1-1.
– Луѓето губат трпение по поразите од Рома и од Ливерпул минатите години. Сега ни треба мала пауза за да заборавиме на ова што ни се случи и да се концентрираме на Лигата на шампионите. Ако сакаме да се бориме за титулата во ЛШ, треба да промениме многу. Веќе реков дека ако играме вака, немаме шанси. Треба да бидеме самокритични – изјави Меси за шпанските медиуми. Л.Д.


Шпанците ќе почекаат за враќање на трибините

Министерот за здравство на Шпанија изјави дека не верува оти гледачите ќе можат да се вратат на фудбалските натпревари во земјата во новата сезона, која треба да почне во септември. Владиниот оддел за спорт и Ла лига се надеваат дека гледачите ќе се вратат на трибините со намален капацитет, но ширење на коронавирусот може да го спречи тоа.
– Да бидам искрен, тешко е да се случи тоа, со оглед на реалноста во која се наоѓаме. Некои кластери на инфекции, за среќа, успеавме да ги исконтролираме, но уште не гледам начини гледачите наскоро да се вратат на трибините – изјави министерот за здравство Сантијаго Илја.
Ла лига ја продолжи прекинатата сезона зад затворени врати на 11 јуни, а новата сезона планира да ја почне на 12 септември.
– Мораме да бидеме внимателни со вирусот, а концентрирањето поголем број луѓе на едно место воопшто не е препорачливо во овој момент – додаде Илја. Л.Д.