Ајде да се стоплиме околу огнот кој ги голта репутациите на арогантните. Прво еден сопственик клуб, па двајца, а потоа и сите шестмина шарлатани од Премиер-лигата се предадоа. Картелот на Суперлигата беше проголтан во уривањето, пишува Хенри Винтер во неговата колумна за англиски „Тајмс“, насловена „Европска Суперлига: Победа за навивачите, но борбата против алчноста уште не е завршена“.

Авторот пишува за мотивите за заработка, односно за алчноста на водечките луѓе на шесте англиски клубови кои првично најавија учество во Суперлигата – Манчестер јунајтед, Ливерпул, Манчестер сити, Челси и Арсенал и Тотенхем, користејќи го терминот „осрамотената шесторка“. А го поставува и прашањето дали можат тие да „закрепнат“ по претрпениот удар од јавноста.

– Некои ќе поднесат оставка, ќе избегаат од градот, исмејувани попат – пишува Винтер.

Би било лесно да се смееме на нивниот ненадеен колапс, откако Челси и Манчестер сити се одметнаа од одметнатите, принудени од претрпениот срам. Осрамотената шесторка потроши милиони на совети за планот осуден на пропаст, па еве и бесплатно советување. Оставете ги безнадежните банкари и бескорисни советници. Дури и фудбалерите кои уживаат во богатите плати дадени од сопствениците, се побунија. Осрамотената шесторка треба да научи за чесноста и да покаже скромност. Осрамотената шесторка очигледно нема морален компас, но овој период покажа дека фудбалот има, се наведува во колумната.

Ова беше победа за навивачите и пораз за сопствениците. Но ова не е крајот.Борбата против сопствениците кои се во заблуда е далеку од готова. Сепак, има надеж. Сите знаевме дека заканата е во салите за состаноци на управите. Сега движењето на отпорот е подготвено, заклучува Винтер.

Сите шест англиски клубови вчера се откажаа од идејата за учество во Суперлигата по притисокот на јавноста.