Головите нема да бидат признаени само ако стрелците намерно ја допрат топката или раката го прави телото „неприродно поголемо“ кога е во контакт со топката, непосредно пред постигнување на голот…

СОСТАНОК НА ИФАБ

Одборот на меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ) задолжена за измени на правилата на играта, на 135-то генерално Собрание најави промени во толкувањето на правилото за играње со рака. „Головите нема да бидат признаени само ако стрелците намерно ја допрат топката или раката го прави телото „неприродно поголемо“ кога е во контакт со топката, непосредно пред постигнување на голот“. Амандманот што треба да се воведе во почетокот на идната сезона треба да ги намали недоразбирањата во овој сегмент од правилото донесено пред две години, пишува британскиот весник „Телеграф“.
Правилото за ненамерно играње со рака по кое соиграчот постигнува или е во шанса за постигнување гол нема да важи од 1 јули. Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, рече дека панелот сметал оти „откако анализирал сѐ“, автоматски поништените голови поради играње со рака „е премногу… во однос на духот на правилата на фудбалската игра генерално“. Инфантино застана и во одбрана на технологијата видеоасистент-судија (ВАР), за кој рече дека „вовела поголема праведност и оти сега е незамисливо да се размислува за фудбалот без оваа технологија“. Но тој додаде и дека е потребно „оптимизирање“ на технологијата со новини, како што се „полуавтоматски“ одлуки за офсајдите за да се намалат прекините.

– Бидејќи толкувањата на инцидентите поврзани со играњето со рака не беа секогаш доследни поради неправилната примена на правилото, утврдивме дека не е прекршок секој допир на играчот со раката или рамото на топката. Играњето со рака ќе се суди доколку играчот постигне гол ненамерно со рака или со рамо, или непосредно пред да се постигне гол – велат од ИФАБ.
ИФАБ потврди дека ќе продолжат пробите на мечевите за замени на играчи поради сомневање за потрес на мозокот „што е засновано врз силната препорака на експертската група за потрес на мозокот“. „Во меѓувреме ќе се продолжи со собирање, анализирање и со дискутирање на информациите и податоците поврзани со фудбалот и медицината, кои ќе помогнат за сите одлуки околу потенцијалната примена во правилата на играта“, велат од ИФАБ.
Поради влијанието на ковид-19 врз фудбалот, можноста за по пет замени на натпревари останува во сила до 31 декември 2021 година, на клупски, односно до 31 јули 2022 година на репрезентативен план.


Што е офсајд, а што не?

На состанокот на Одборот на меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ) задолжена за измени на правилата на играта, презентација во врска со можните промени на правилото за офсајд имаше поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, сега шеф на глобалниот развој на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Венгер сугерира дека напаѓачот не треба да е во офсајд, дури и ако е очигледно пред дефанзивецот, доколку еден, и најмал дел од неговото тело со кој може да постигне гол е во иста линија со одбранбениот играч.
– Тоа ќе ги среди недоразбирањата и повеќе ќе нема одлуки за милиметри и за тоа со кој дел од телото напаѓачот бил пред одбранбената линија – вели Венгер.
Но и тука има некои прашања од скептиците, како на пример што ако петицата од ногата на напаѓачот е за милиметар понапред или поназад итн.? Веројатно оваа измена ќе значи некакво подобрување, но фудбалот треба да биде уште попрагматичен. Единствениот начин на кој правилото за офсајд може ефективно да се спроведе со употреба на технологијата е едноставно да се каже дека секоја одлука за која треба да се извлекуваат „фини“ линии и маргини значи дека не е офсајд, истакнува „Телеграф“.