Според новата идеја, групната фаза во ЛШ би се претворила во суперлига од 32 екипи во која секој клуб би одиграл 10 натпревари, а потоа би следувала нокаут-фазата

Радикалните промени во Лигата на шампионите (ЛШ) повторно се актуализираат. Станува збор за идеја за проширување со кое сегашната групна фаза би се претворила во европска суперлига со 32 екипи.
Според серијата предлози од влијателната Европска клупска асоцијација (ЕКА) на кои се повикува англискиот „Дејли мејл“, групната фаза во ЛШ би се претворила во лига со 32 екипи во која секој клуб би одиграл 10 натпревари против 10 различни противници. Потоа најдобрите осум екипи би се квалификувале за нокаут-фазата, а следните 16 би разигрувале меѓу себе за преостанатите осум места во осминафиналето. На најдобрите осум во лигата би им бил загарантиран пласман во следната сезона во ЛШ, со што би се намалил притисокот дотаму да се стигне според пласманот во домашниот шампионат.

Лобирањата за проширување на ЛШ е за да им се гарантираат повеќе натпревари и поголеми приходи на клубовите. Лигата со 32 екипи е нова опција по претходната за четири групи со по осум екипи, која беше во оптек годинава. Според информациите, 32-та тима би биле поделени во четири групи врз основа на нивните коефициенти. Секој клуб би играл против двајца противници од својата група и против два или три од другите групи. По 10-те меча осумте најдобропласирани екипи ќе се квалификуваат за нокаут-фазата, а 16-те екипи што се пласирани од деветтото до 24-то место, преку плејофот, во два меча ќе разигруваат за пласман во осминафиналето.
ЕКА, независно тело што претставува 232 европски клуба предводено од претседателот на Јувентус Андреа Ањели, предлага и друго решение, лига со 32 тима поделени во две дивизии, при што секој тим би играл еден со друг дома и на гости, пред плејоф-серијата.
Конечната одлука за новата структура треба да ја донесе УЕФА. 


Клоп: Мора да го намалуваме бројот на мечевите, а не да додаваме повеќе

Менаџерот на европскиот фудбалски првак Ливерпул, Јирген Клоп, ја отфрли идејата за проширување на Лигата на шампионите, пишува Би-би-си. По победата со 2-0 против Ватфорд во саботата, лидерот на англиската Премиер-лига ќе игра утре со Астон Вила во четврт-финалето на Лига-купот, а помалку од 24 часа потоа Ливерпул треба да игра во полуфиналето на клупското СП во Катар.
– Мора да го намалуваме бројот на натпреварите, а не да додаваме повеќе. Дотогаш треба да правиме она што го правиме – рече Клоп, кој замина со сениорскиот состав за Катар, а во меѓувреме тренерот на Ливерпул на тимот до 23 години, Нил Критли се очекува да преземе одговорност и да го води подмладениот тим во натпреварот утре на „Вила парк“.
Ливерпул е меѓу шест клуба во Премиер-лигата, кои, наводно, ги поддржуваат плановите за проширување на групната фаза во Лигата на шампионите на 32 екипи, пишува Би-би-си.
– Читам дека врвните клубови сакаат повеќе натпревари во Лигата на шампионите. Јас не сум вклучен во овие планови. Тоа е апсолутна бесмислица – ја пренесе Би-би-си изјавата на Клоп.
На прашањето за густиот распоред натпревари за неговиот тим, кој игра осум натпревари за четири недели во три натпреварувања на два континента, тој рече: „Мораме да се справиме со тоа“. Ливерпул се натпреварува за седум трофеи сезонава и би можел да одигра до 67 натпревари за 300 дена ако стигне до сите финалиња, што би бил просек по еден натпревар секои 4,5 дена. Ливерпул сезонава веќе одигра 27 натпревари во сите натпреварувања, пишува Би-би-си.


Премиерлигашите се против?

Клубовите од англиската Премиер-лигата се против плановите за проширување на Лигата на шампионите. Директорите на 20-те клуба инсистираат на тоа дека се обединети, но забележливо е дека постојат разлики во мислењата. Некои се за повеќе натпревари, но за возврат бараат европските натпревари да се играат во средината на неделата, како досега. Одигрувањето на првенствените натпревари во Премиер-лигата за време на викендот е клучен за зачувување на вредниот договор за ТВ-права. Крајниот рок за постигнување договор е 2021 година, до кога треба да се знае структурата на натпреварите во ЛШ за да може УЕФА потоа да ги продава ТВ-правата од сезоната 2024/2025 па натаму.