УЕФА остави отворен простор за нови промени во ЛШ, велејќи дека сѐ уште е отворена за дебата. Фудбалот мора да го искористи моментот од минатите неколку дена, пишува „Индепендент“

Со оглед на моментните околности, повторно ќе ги разгледаме најоптималните чекори за заживување на проектот, беше истакнато во краткото соопштение на фудбалската суперлигата, чија идеја пропадна уште на почетокот, по големите негативни реакции во Европа и по повлекувањето на Арсенал, Челси, Манчестер сити, Тотенхем, Ливерпул, Манчестер јунајтед, потоа Интер, Милан, Јувентус и Атлетико. Но како што стојат работите, „фудбалската сага“ ќе продолжи по краткото примирје и бурните неколку дена.
– Суперлигата е далеку од мртва, таа е само во мирување, клубовите не се откажуваат од идејата – изјави претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, кој вели и дека суперлигата е отворена за дискутирање и за размена на идеи со Европската фудбалска унија (УЕФА) и со други субјекти и истакнува оти е сигурен дека наскоро ќе се создаде „многу слично“ натпреварување.

Како некаков показател за тоа како би можеле да се надминат некои недоразбирања се промените во Лигата на шампионите (ЛШ), пишува весникот „Индепендент“.
Проширувањето на ЛШ од 32 на 36 екипи според лигашки систем, од 2024 година, ќе значи дека сегашните 125 средби ќе се зголемат на 225 меча. Тоа му доаѓа како своевидна суперлига. Од дополнителните места, како што се најавува, некои ќе бидат резервирани за тимовите од петте најсилни лиги, без разлика на пласманот, односно врз основа на минатите успеси (во претходните пет години) и според коефициентот кај УЕФА. Тоа значи дека би извисиле некои подобро пласирани на табелата. Европската фудбалска унија остави отворен простор за нови промени во Лигата на шампионите, велејќи дека сѐ уште е отворена за дебата.
Фудбалот мора да го искористи моментот од минатите неколку дена, ако е сериозен во намерите за намалување на јазот што сѐ повеќе се зголемува меѓу богатите и другите кубови, пишува, меѓу другото, „Индепендент“.