Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската фудбалска репрезентација утре ќе ја пречека Австрија во рамките на четвртото коло, во квалификациската Г-група за пласман на Европското првенство во 2020 година. Двете селекции играа во петокот, Македонија загуби од Полска со 0-1, а Австрија со ист резултат славеше во дуелот со Словенија.

Во пресрет на мечот со Австрија селекторот на националниот тим Игор Ангеловски се соочува со сериозен проблем. Како што рече на прес конференцијата, поради повреда на зглобот неизвесен е настапот на Елиф Елмас.

Евентуалното отсуство на Елмас нема да ги смени амбициите на „црвено-жолтите“, против Австрија ќе атакуваат на победа.

– Мора да настојуваме да бидеме на висината на задачата. Ние во континуитет играме добро, тоа не беше само со Полска, туку и со Словенија и Летонија. За жал тоа не ни донесе резултат, но се надевам дека со Австрија ќе дојдеме до бодови. Немам намера да отстапам од нашиот стил на игра и понатаму. Австрија си има свои квалитети, имавме можност да го изанализираме нивниот натпревар со Словенија во кој славеа. Имаат индивидуални квалитети, но и како тим се доста добри. Се работи за крај на сезона, но мислам дека ќе останат во својот бундеслигашки стил и се потпираат на дуел-игра и трчање – изјави Ангеловски.

Репрезентативците вечерва ќе го одработат последниот тренинг пред утрешниот меч, кој ќе започне во 20.45 часот.