Би-би-си за подвигот на македонската репрезентација

Фудбалската репрезентација на Македонија се најде на насловните страници на многу спортски медиуми, по вчерашната победа на Грузија и историскиот прв пласман на Европско првенство.

За историскиот подвиг на Пандев и другарите во рамките на Лигата на нации, простор одвои и британскиот Би-би-си.

Во својата спортска рубрика Би-би-си објави статија во која кратко се објаснува патот на македонската репрезентација до ЕП, како и групата во која ќе играат нашите фудбалери. На Фејсбук, пак напишаа „погледнете што ова значи за нив. Еве зашто постои фудбалот“.

Британците го нагласуваат и погодокот на капитенот Горан Пандев.

– На својот 115-ти настап за репрезентацијата, 37-годишниот Горан Пандев го постигна голот што ќе ја испрати Северна Македонија на нивното прво големо натпреварување. Дефинитивно, најголемата вечер во фудбалската историја на земјата! – наведува Би-би-си

Следното лето македонските фудбалери во групата Ц од Европското првенство ќе се соочат со Холандија, Украина и со Австрија.