Потрагата по минимални придобивки навидум нема крај, а Ландер, помошник-тренер во Вимблдон, верува дека со тренер за резервни фудбалери може да му се додаде вредност на спортот, кој веќе вработува тренери за прекини на игра и тренери за изведување аут, со тоа што ќе ги подготви играчите технички, физички и психички да влезат на теренот и да го подобрат тимот. Накратко, да ги претвори во финишери

Последен „новитет“ во врвниот фудбал, ако така може да се нарече, покрај општоприфатените придобивки од, на пример, модерната технологија, е „тренерот за замени“, кој би можел да биде некаква иднина во фудбалот. Да се внесе играч во игра што ќе го „реши“ натпреварот во теорија звучи како добра идеја, но има доста случаи кога на важни натпревари имало контраефект, најмногу при удари од белата точка, пишува „Би-би-си“.
Менаџерот на Вест хем, Дејвид Мојс, на мечот со Манчестер јунајтед (1-2) во последните мигови од мечот му даде задача на Марк Нобл, кој беше на клупата за резерви и незагреан, да го изведе ударот што Давид де Хеа му го одбрани. Во финалето на Европското првенство (ЕП) годинава, селекторот на Англија, Герет Саутгејт, пред крајот на 120-те минути ги внесе во игра Маркус Рашфорд и Џејдон Санчо за да ги изведат пеналите што Џанлуиџи Донарума ги одбрани и Италија стана европски првак. Потоа се разви полемика дали играчите беа соодветно подготвени за такво нешто? Семи Ландер, тренерот за замени на Вимблдон, смета дека не биле. Ландер, кој му е помошник на менаџерот на Вимблдон, Марк Робинсон, анализирал што правеле играчите пред влегувањето во игра на најголемиот меч на Англија во претходните 55 години.
– Пред да влезат во игра, Санчо и Рашфорд не се загреваа покрај теренот, туку само одеа. Мојата помисла беше дека тие не се физички подготвени да влезат во игра, не само за да одговорат на интензитетот туку и да се обидат да го кренат – изјави Ландер за „Би-би-си“.

Тоа е местото каде што Ландер верува дека може да подобри нешто во спортот, кој веќе вработува тренери за прекини (за слободни удари, корнери, гол-аути) и за изведување аути. Тие би имале задача технички, физички и психички да ги подготват фудбалерите по влегувањето во игра да му помогнат на тимот. Накратко, да ги претворат во финишери.
Една од клучните задачи на Ландер со замените на Вимблдон, кој игра во Лига 1, е да им помогне да се изборат со негативното поврзување со одредувањето да седат на резервната клупа.
– Видов одлична слика од клупата на Манчестер јунајтед минатата недела кога имаше шест или седум играчи, сите со скрстени раце и со качулки на главата. Едно од тие момчиња може да биде вашиот победник, потенцијално, но погледне го само нивниот говор на телото. Значи, станува збор за нивно активно ангажирање, со поставување прашања околу тоа дали нивните потенцијални противници играат добро или не, и што би можеле да искористат од тоа ако влезат во игра – вели Ландер, пренесе „Би-би-си“.
Ландер, кој работел како аналитичар и скаут во Борнемаут, вели дека улогата како што е неговата може да биде дочекана со скептицизам.

Но со оглед на тоа дека Ливерпул е меѓу тимовите што ангажираа тренер за изведување аути, Данецот Томас Гронемарк, потрагата по минимални, „милиметарски“ придобивки навидум нема крај. Робинсон, менаџерот на Вимблдон, чиј тим е 14-ти во Лига 1, признава дека правењето замени со „бистра глава“ може да биде „тешко“, но вели дека се консултира со Ландер пред полувремето за да подготви замени со одредена цел. Но Ландер сугерира дека Рашфорд и Санчо можеле да вежбаат пенали во просторијата за загревање на стадионот „Вембли“ за да ја воспостават мускулната меморија на играчите и да се осигурат дека тие претерано не размислуваат за тоа што следува.
– Тоа е како да не сте возеле една недела и првото менување на брзината да не е толку лесно како да сте возеле 100 км. Истото важи и за фудбалот. Кога ќе направите 100 додавања, 101-то е само инстинкт, но кога ќе го направите првото мислам дека размислувате за тоа – вели тој.


Ливерпул ја користи и невронауката на тренинзите

Германската компанија „Неуро11“, преку д-р Никлас Хауслер и Патрик Хантшке, работеше со фудбалерите на Ливерпул во претсезоната за да им помогне во напорите за маргинални придобивки во играта. Користејќи ја невронауката, тие имаат цел да го подобрат ефектот на Ливерпул при прекините на играта, обезбедувајќи им на играчите соодветни алатки за да бидат ментално силни. „Црвените“ сезонава веќе постигнаа пет гола од корнер. Хауслер и Хантшке на летните подготовки во Франција работеа со играчите, на кои им беа дадени рутини да ги следат, врз основа на собраните податоци.
– Ова е следната граница во спортските перформанси. Физичката страна во фудбалот е речиси максимизирана. Следниот чекор е да го тренирате мозокот. Кога имате нешто ново што ветува големи резултати, луѓето секогаш се скептични. Н, почетната точка за објаснување на она што го правиме е дека сите сме доживеале во спортот или во секојдневниот живот дека понекогаш сме повеќе во тек, повеќе во „зоната“, отколку во други времиња. Она што ги дефинира елитните играчи е дека тие секогаш можат да видат дека има простор за напредок. Тоа е случај со Ливерпул. Многу му должиме на Јирген Клоп за вербата што ја покажа кон нас – вели Хауслер.