Повторно, сега на неодредено време, се одложени плејоф-мечевите за пласман на ЕП 2020, во кои удел има и Македонија, која треба да игра со Косово. И на клупско ниво натпреварите во ЛШ и во ЛЕ остануваат одложени на неодредено време. Ваквите одлуки УЕФА ги донесе по видеосостанокот со претставниците на 55 земји-членки и се најнов чекор во борбата со пандемијата на коронавирусот, која предизвика суспендирање речиси на сите лиги во Европа

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека најзначајните натпревари под нејзина ингеренција се суспендирани на неодредено време. Тука пред сѐ станува збор за мечевите од плејофот за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, кои прво беа закажани за 26 и 31 март, а потоа презакажани за 4 и 9 јуни.
Дел од овие натпревари требаше да биде и Македонија, која треба да игра со Косово. Победникот од овој дуел потоа треба да игра против подобриот од мечот Белорусија – Грузија. УЕФА потврди дека тие натпревари се одложени на неодредено време, односно до појаснувањето на ситуацијата со коронавирусот.

На клупско ниво, натпреварите во Лигата на шампиони (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) остануваат одложени на неодредено време. Ваквите одлуки УЕФА ги донесе по видеосостанокот со претставниците на 55 земји-членки и се најнов чекор во борбата со пандемијата на коронавирусот, која предизвика суспендирање речиси на сите лиги во Европа.
Работната група на УЕФА на националните федерации им презентирала најразлични опции за продолжување на натпреварите во домашните лиги, но не била донесена никаква одлука, затоа што е многу тешко да се предвиди колку долго ќе трае паузата.
Финалниот турнир во Лигата на нации (ЛН), кој требаше да се одржи во јуни следната година, презакажан е за наредниот септември. ЕП 2021 (до 19 години) и ЕП за жени (до 17 години), кои требаше да се одржат летово, се одложени. Пријавувањето на фудбалерите за настап во ЛШ следната сезона, исто така, е одложено, односно дополнително ќе бидат одредени новите рокови.

Извршниот комитет (ИК) на УЕФА одлучи да суспендира одредени аспекти од одредбите за лиценцирање на клубовите, како резултат на „зголемената неизвесност предизвикана од тековните вонредни настани“.
– Извршниот комитет ја повтори својата целосна заложба за лиценцирање клубови и финансискиот ферплеј и се согласи дека сегашните исклучителни околности бараат одредени специфични интервенции за олеснување на работата на здруженијата на членки и клубовите – велат од УЕФА.
Сепак, според агенцијата Франс прес (АФП), кај УЕФА постои решеност за завршување на домашните и на клупските натпреварувања до 30 јуни, пишува АФП.


И во Македонија играта останува во мирување

Натпреварувачката комисија при Фудбалската федерација на Македонија пред три недели на неодредено време ги прекина натпреварите во Македонија.
– Продолжението на првенството ќе зависи од тоа како ќе се развива ситуацијата со коронавирусот во Македонија. Оттаму крајно неизвесно е кога и како би продолжиле натпреварите. Сигурно е тоа дека до почетокот на мај нема шанси да се почне со играње мечеви. Постојат повеќе опции, но во моментов ништо конкретно не можам да кажам, ниту за датуми, ниту за рокови или времетраење, можно е да се игра среда – недела, но прашање е дали фудбалерите се подготвени за таков ритам. УЕФА најавува дека националните лиги треба да се завршат до 30 јуни, но се спомнува и играње во јули, во август. Сѐ е отворено, ќе видиме – вели Игор Франговски, комесар за натпревари при ФФМ.