Реал се врати на врвот и е прв со приход поголем од 750 милиони евра, а сите 20 клуба на листата на „Делоит“ се од најсилните пет европски лиги

Шпанскиот фудбалски гигант Реал Мадрид се врати на врвот на табелата на 20-те најбогати фудбалски клубови во светот, престигнувајќи го англискиот Манчестер јунајтед со рекордни приходи од 750,9 милиони евра, јави Би-би-си за анализата на „Делоит“. Манчестер јунајтед сега е на третото, а Барселона изби на второто, со што од сезоната 2014/2015 првпат два шпански клуба се на првите две места, велат од „Делоит“. Реал Мадрид стана првиот клуб што генерирал повеќе од 750 милиони евра.
„Фудбалската парична лига“ на „Делоит“, која се однесува на сезоната 2017/2018, исто така, покажува дека комбинираните приходи на првите 20 клуба се зголемија за шест проценти на 8,3 милијарди евра, што претставува нов рекорд. Листата, дваесет и втора од ваков вид, ги зема предвид само приходите (продажба на билети, ТВ-права и комерцијални зделки) и не ги зема предвид долговите.

На оваа листа разликата меѓу првите два клуба е втора најголема досега, со 60,5 милиони евра помеѓу водечкиот двоец. Реал Мадрид ја освои својата трета последователна титула во Лигата на шампионите, победувајќи го Ливерпул со 3-1 во Киев во мај лани. Тоа помогна да се зголеми приходот за „Лос Бланкос“, кои сега се 12-ти пат на врвот на „Фудбалската парична лига“ на „Делоит“.

Реал Мадрид остварил комерцијален пораст од 54,8 милиони евра, вклучувајќи зголемување на приходите за спонзорство и од малопродажба, како и од повеќето профитабилни натпревари пред сезоната. Со 356,2 милиони евра, Реал Мадрид сега има најголем комерцијален приход на кој било фудбалски клуб на глобално ниво.

Во првата „петка“ се уште и Манчестер сити и Баерн, кои ги задржаа своите позиции од изминатите две години. До 10-то место следуваат Пари Сен Жермен, Ливерпул, Челси, Арсенал и Тотенхем. Сите 20 клуба на листата се од т.н. „лига петка“, најсилните европски лиги (Англија има девет клуба, Италија има четири места, Германија и Шпанија придонесуваат со по три клуба, а Франција има еден).