Она што беше добро во минатата сезона нема нужно да функционира во оваа. Она, пак, што не беше добро лани, можно е да проработи годинава. Отворено е, се движи, како животно е, се развива. Понекогаш се движи на овој начин, понекогаш се движи на друг начин. Важна работа се резултатите. И вашите принципи како менаџер, вели Гвардиола

ПЕП ГВАРДИОЛА, ИНТЕРВЈУ ЗА „СКАЈ СПОРТ“

Во ексклузивното интервју за „Скај спорт“, Пеп Гвардиола тврди дека неговата посветеност на поседот на топката е клучот за добрата дефанзивна игра на неговиот тим, Манчестер сити. „Фудбалот не е А, Б и В. Она што беше добро во минатата сезона нема нужно да функционира во оваа. Она, пак, што не беше добро лани, можно е да проработи годинава. Отворено е, се движи, како животно е, се развива. Понекогаш се движи на овој начин, понекогаш се движи на друг начин“, вели Гвардиола.
Клучот за добрите и успешни игри на Сити е во дефанзивата, за што говори и податокот дека тимот прими само еден гол на претходните девет меча во Премиер-лигата. Поради импозантната форма природно се наметнува прашањето што се променило во последно време во тимот. Но Гвардиола претпочита на успехот да гледа како на продолжение на повеќегодишната работа. Статистичките податоци сугерираат дека пресингот на Сити е помал од порано и оти играта повеќе е позиционирана. Тој ја отфрла таа идеја, пишува „Скај спорт“.
– Уште играме на 60 метри од нашиот гол. Понекогаш играме повеќе странично, понекогаш повеќе преку средината. Тоа зависи од противниците. Но треба да играте подобро, а не да се браните подобро. Причината зошто во одбраната сме толку добри е затоа што 67 отсто од времето ја имаме топката во свој посед. Ако ја имате топката што е можно повеќе, тогаш противникот ќе ја нема. Секако, противникот може да постигне гол од прекин или од контранапад, но колку повеќе ја имате топката, толку повеќе шанси ќе имате да постигнете гол. Можеби еден ден ќе се променат правилата, но мислам дека за да постигнеш гол ти треба топката – вели Гвардиола.

Но и покрај тоа, има назнаки дека нешто се сменило во Сити. Тие не му дозволуваат на противникот да создава големи шанси преку контрите како порано.
– Кога играте на 60 метри од вашиот гол, важна е контролата на контранападот. Понекогаш тоа не е можно поради противничките играчи, но ако добро ја контролирате топката и не правите грешки, ќе им дадете малку можности – вели Гвардиола.
Споменувањето на грешките нагласува уште една клучна промена.
– Тоа е причината зашто примаме толку малку голови. Четворицата одзади, без разлика кој игра, се многу цврсти и не прават грешки – додава тој.
Фудбалерите на Сити прават помалку грешки што доведуваат до удари отколку во која било од претходните четири сезони под водство на Гвардиола. Тоа е производ на индивидуално и на колективното подобрување. Секако, доаѓањето на Португалецот Рубен Дијас на позицијата центархалф беше клучно. Тој има исто влијание во менувањето на играта на оние околу него, какво што имаше Вирџил ван Дијк во Ливерпул.

– Во суштина, тој разговара со нив за време на играта, ја предвидува. Тој не игра за себе, тој гледа што се случува пред него и зад него – објаснува Гвардиола.
Фудбалот се движи, се приспособува, а Гвардиола има намера да му се приспособи. Но принципите нема да се променат. Песната останува иста и мелодијата што ја добива од неговите играчи, може на Сити да му донесе третата титула во Премиер-лигата за четири сезони.
– Важна работа се резултатите. И вашите принципи како менаџер. Начинот на кој верувате дека нешто е најдобро мора да остане ист за да помогнете Манчестер сити да стане најдобриот можен клуб – заклучува Гвардиола.


Најголем дефанзивен тренер на сите времиња?

Пеп Гвардиола вели дека кога ја предводеше Барселона, неговиот тим имаше најдобар дефанзивен ефект во Шпанија, во трите освоени титули. Тоа се повтори кога освои три титули и со Баерн во Германија. Бројките кажуваат дека тој веројатно е најголемиот дефанзивен менаџер на сите времиња.
– Не можете да освојувате титули во Премиер-лигата и во Бундес-лигата, ако примите многу голови. Минатата сезона примивме повеќе голови од вообичаеното и не се приспособивме добро на некои работи. Но ако погледнете колку голови примивме сите години, во Манчестер, во Минхен, во Барселона, секогаш беа малку и тоа го сторивме играјќи на 50 или на 60 м од нашиот гол, и секогаш бевме стабилни во дефанзива. Апсолутно, не сакам да примаме голови. И сакам да постигнуваме многу. На тоа работиме со квалитетни играчи што сакаат да ја имаат топката во свој посед – вели Гвардиола.