Meсут Озил и Сами Кедира

За повеќе од 100 фудбалери од неколку претежно муслимански и од други земји наредните 30 дена ќе бидат период на интензивни подготовки за можеби најбитните денови во нивните професионални кариери – финалниот турнир на СП во Русија

За повеќе од една милијарда муслимани низ светот изминатиов четврток почна Рамазан. Тоа беше почеток на едномесечниот задолжителен пост, на воздржување од храна и пијалаци меѓу изгрејсонце и зајдисонце, на прочистување и на самодисциплина.
Но, за повеќе од 100 фудбалери од шест, претежно муслимански, и од неколку други земји, претстојните 30 дена ќе бидат период на интензивни подготовки за можеби најбитните денови во нивните професионални кариери. Еден ден пред крајот на „светиот“ месец ќе почне Светското првенство (СП) 2018 во Русија.
– Не е лесно да тренирам и да играм додека сум гладен. Но, морам да го сторам тоа, тоа се само 30 дена во целата година. За нас, во нашата религија, многу е добро да се биде близу до Бога – вели одбранбениот фудбалер на Египет, Омар Габер, кој се наоѓа на поширокиот список на играчи за претстојното СП.

Некои други фудбалери-муслимани планираат поинаку да го решат проблемот. Многумина ќе ги искористат исклучоците резервирани за оние што се болни, патуваат или извршуваат физички напорни обврски. Германскиот репрезентативец Месут Озил, играч на Арсенал, на пример, не постеше кога Рамазан падна во периодот на нокаут-фазата на СП 2014, бидејќи, како што рече, во тоа време, „работел“.
Постојат многу причини постот да се одложи за подоцна. На човечките тела им треба гориво. „До крајот на Рамазан постои зголемен ризик од нутритивен и енергетски дефицит кај активните спортисти. На пострамазанските ефекти им се посветува малку внимание, не се знае колку долго траат и доколку ги има, какви се последиците“, се вели во документ ФИФА на оваа тема.

Но, за професионалците што сесрдно им се посветени на верата и на фудбалот одлуката може да биде тешка и да предизвика недоразбирања меѓу тренерите/селектори и играчите. Мнозинството муслимански спортисти вклучени во една студија на Олимписките игри во 2012 година рекоа дека нивните тренери не сакале тие да постат. Во 2014 година, фудбалскиот селектор на Франција, Дидие Дешамп, тоа го нарече „чувствителен предмет“. Овојпат портпаролот на француската репрезентација соопшти дека тоа прашање, што се однесува до фудбалерите-муслимани, како што се Пол Погба и Н’Голо Канте, е нивна „приватна работа“.
Прашањето со постењето беше предмет на обемни медицински истражувања и тема за која експертите и тимските лекари сега имаат многу поголеми сознанија отколку во минатото. Пред 15 години, според д-р Јасин Зергини, член на медицинскиот одбор на ФИФА, „достапната литература не содржеше научни студии што ја анализираат интеракцијата на фудбалот и Рамазан“.

Оттогаш досега има многу повеќе истражувања, меѓународни конференции. Тие дадоа неколку заклучоци: земањето два оброка дневно – еден рано наутро и еден доцна во ноќта, може да доведе до нутритивни недостатоци; дехидратацијата може да биде проблем; несоницата може да доведе до дневен замор; и дека промените во распоредот за тренинзите во периодот на Рамазан може да предизвикаат несакани ефекти.
Но, ниту една од студиите не беше убедлива и сеопфатна. Некои биле и спротивставени. Некои не покажале штетни ефекти. Други, пак, покажале дека повредите се зголемуваат доколку се наруши типичниот тренинг-режим. Трети, пак, покажале дека промените во тренинг-режимот доведуваат до намалување на физичката кондиција.

Некои играчи, од друга страна, велат дека постењето има и добри страни. „Го чистиш телото и се чувствуваш уште посилно по Рамазан“, изјави Коло Туре во 2013 година.
Поранешниот тренер на голманите во Египет, Зак Абдел, има слична анегдота: „Ние го имавме легендарниот египетски играч од средниот ред Мохамед Обутрика, кој беше толку ментално силен што играше најдобро токму кога постеше“.
Затоа Зергини, Алжирец што учествуваше во неколку студии, нагласува дека секој играч мора да се соочи со Рамазан врз основа на сопствените потреби.
– Главниот заклучок е дека не постои единствена стратегија за справување. И, всушност, пристапот „една величина им одговара на сите“, најверојатно, нема да биде добро решение. Наместо тоа, режимите за исхрана треба внимателно да се приспособат за секој играч, индивидуално – вели Зергини.
Како играчите и тимовите се приспособуваат за време на Рамазан? Египетската фудбалска федерација, според менаџерот Ектор Купер, ангажира специјалисти за да им помогнат во текот на постот.

– Ние ќе ги организираме и ќе ги надгледуваме нивната исхрана и спиењето и се надеваме дека постот нема лошо да влијае врз нив. Тоа може да биде проблем за тренерите, бидејќи играчите ќе престанат да јадат од изгрејсонце до зајдисонце, така што нема да биде лесно за време на тренингот. Но, тоа е поврзано со религијата и не можам да ги спречам да го практикуваат Рамазан – изјави Купер на прес-конференција во март.
Повеќето муслимански репрезентации ги ревидираа своите планови за што подобро да се приспособат на постот на играчите. Тоа беше една од 11-те клучни препораки во 2012 година, напишана од Зергини, од поранешниот главен медицински експерт на ФИФА, Јиржи Дворак, и од двајца други реномирани стручњаци. Имаше предлози за исхраната, како и совети за обемот на работата. Но, еден од 11-те предлози, индивидуализиран мониторинг, е од клучно значење. Телото на секој спортист реагира поинаку.
Меѓутоа, за играчите претежно од муслимански нации изборот може да биде потежок. Како што посочуваат неколку документи и презентации поврзани со ФИФА, одлуката да не се пости „може да биде критикувана и да доведе до несогласувања со семејството, пријателите и членовите на заедницата, кои ѝ даваат поголем приоритет на религијата“. Некои играчи ќе се воздржат од храна и од пијалаци, но можат и да го прекинат постот на денот на одигрување на натпреварите.

Многу репрезентации, вклучувајќи го и Египет, ќе им остават на играчите сами да одлучат што ќе прават. Но и без каков било надворешен притисок нема да им биде лесно.
– Тоа е лична одлука. Тоа е помеѓу вас и Бога, никој друг не ве контролира дали ќе го направите тоа или не. Но, тоа е флексибилно во зависност од тоа како сте физички подготвени. Тоа е различно од личност до личност. Некои момци можат да го направат тоа и да играат нормално, дури и ако не јадат. Некои, пак, не можат да се справат со тоа. Ако го направиш тоа, го правиш тоа. Тоа е помеѓу личноста и Алах – вели египетскиот интернационалец, играчот од средниот ред на Ванкувер вајткапс, Али Газал. 


Озил, Кедира, Погба и Канте воздржани

Приспособувањата на целиот тим можеби нема да бидат изводливи доколку спортистите-муслимани се малцинство. Тоа е можеби една од причините поради која Озил и неговиот германскиот колега Сами Кедира, француските интернационалци Погба и Канте, Швајцарците Гранит Џака и Шчердан Шаќири, но и други фудбалери-муслимани одлучија да не постат.
СП 2018 не е првото меѓународно големо натпреварување што се совпадна со светиот месец Рамазан, кој се базира на приближно 354-дневен лунарен календар, а исто така се совпадна и со ЛОИ 2012, со нокаут-фазите на СП 2014 и со ЕП 2016.
Пред две години, ниту еден француски играч не постеше. Ниту германските играчи. Ниту Белгијците Маруан Фелаини и Муса Дембеле. Пред четири години, швајцарски играчи исто така се воздржаа. Многумина ги искористуваат исклучоците, како што ги советуваше д-р Мишел Д’ Хуге, претседател на медицинскиот одбор на ФИФА во 2014 година. Л.Д.