Англиските медиуми потсетуваат дека во таа земја во сезоната 1962/1963 повеќе месеци немало фудбал поради студената зима (температури до минус 20 степени) и лошото време (имало високи снежни наноси, а реките, езерата и морето биле замрзнати)

Фудбалот мирува во Европа, стадионите се под клуч, нема натпревари, фудбалерите се во самоизолација или во карантин, некои и се позитивни на коронавирусот. Како што стојат работите во моментов, тешко е да се очекува дека за помалку од еден месец, па и два, ситуацијата ќе се врати во нормала, дека натпреварите ќе продолжат, а националните шампионати ќе завршат.
Вакво нешто не се памети од Втората светска војна, но англиските медиуми потсетуваат дека во таа земја во сезоната 1962/1963 повеќе месеци немало фудбал поради студената зима и лошото време, т.н. големо студенило, како што го нарекуваат тој период.

Зимата 1962/1963 била најстудената во Англија од 1740 година. Имало снежни наноси од дваесетина метри, реките, езерата и морето биле замрзнати, а температурите биле до минус 20 степени. Јануари 1963 година бил најстудениот месец во Велика Британија во 20 век. Студениот бран пристигнал пред Божиќ и се задржал до почетокот на март, кога почнале да растат температурите и го донеле толку потребното и очекувано затоплување.
На фудбалски план ваквото невреме условило масовни одложувања на мечевите. Сите клубови во земјата биле погодени, а Бирмингем, Болтон и Манчестер сити морале да чекаат и до 70 дена помеѓу нивните натпревари, што е рекорд во најквалитетната англиска лига.

На ФА-купот, поради лошото време, му биле потребни 66 дена за да се доиграат мечевите од третата рунда во 1963 година. Почнувајќи од 5 јануари, 32-та меча конечно завршиле на 11 март. Мечот Линколн – Ковентри бил откажан 14 пати, а половината натпревари биле одложувани повеќепати. Финалето се одиграло на 25 мај, три недели подоцна од првично закажаниот термин, со триумф на Манчестер јунајтед над Лестер, со 3-1. 


Халифакс го отворил својот стадион за јавноста како лизгалиште

Англиските фудбалски клубови во сезоната 1962/1963 се обидувале да се справат со невремето на најразлични начини. Така, голем број клубови, меѓу кои Манчестер јунајтед и Ковентри, на пример, заминале во Ирска за таму да играат пријателски натпревари. Челси, пак, заминал на Малта за да тренира на топлото време, а Халифакс го отворил својот стадион за јавноста како лизгалиште.


Брајан Клаф – жртва на замрзнатите терени

Да не беше такво невреме во тој период, којзнае каква фудбалска кариера ќе имаше Брајан Клаф, подоцна еден од најдобрите менаџери на Англија. На „боксинг деј“ во 1962 година се одигра натпреварот Сандерленд – Бури, само еден од 23-те закажани за тој ден во четирите дивизии. Во ледените услови на „Рокер парк“, Клаф се судри со голманот на Бари, Крис Харкер, и ги повреди лигаментите во коленото, една од најтешките повреди за фудбалер, што значеше и крај за неговата играчка кариера. По две години закрепна и се врати на терените, но одигра само три натпревари и беше принуден да се пензионира, на 29-годишна возраст. Следната година стана менаџер на Хартлпул и ја почна фантастичната тренерска кариера, во која освои две титули првак на Англија, потоа две европски шампионски круни со Нотингем форест, како и четири лига-купа.